Фото: Маја Јаневска-Илиева

Научен труд на млади лекари

Од  190 луѓе пешачењето ќе спаси тројца од прерана смрт

Ако 191 граѓани дневно пешачат по 4,1 километар, државата и здравствениот систем од нивното пешачење можат да заштедат 108.809 евра годишно. На 10-годишно ниво таа сума би била околу 1.040.000 евра, а тројца од тие граѓани би се спасиле од прерана смрт.
Овој резултат бил добиен во истражувањето за проценка на здравствените и економски придобивки од пешачењето во земјава со употреба на алатката за економска процeнка и здравје. Го направиле двајца млади лекари, д-р Џансун Буковец и д-р Кристина Шунтова, под менторство на нивните професори.

-Со трудот увидовме дека просечното растојание на испитаниците во истражувањето е 4,1 километри дневно. Вкупно 148 од 191 учесници во истражувањето пешачеле повеќе од 150 минути неделно, впрочем какви што се и светските податоци. Целта на нашиот научен труд беше да се проценат не само здравствените, туку и економските придобивки од пешачењето – вели д-р Буковец.

И економија и здравје

Лекарите објаснуваат дека економските аргументи не треба да бидат единствена причина за носење на одлуки за физичка активност, но дека изразувањето преку парична единица е олеснителен начин за носителите на одлуките да ги разберат резултатите од проценките.

-Целта на нашиот научен труд беше да се проценат не само здравствените, туку и економските придобивки од пешачењето. Од трудот проценивме дека за една година државата и јавното здравје се во корист од 108.808 евра. Ова би значело дека здравствениот систем и државата ја заштедуваат оваа сума од само 191 граѓанин за една година, само од нивното пешачење. Доколку нашите испитаници си го задржат просечното пешачење од 4,1 километри, за 10 години, економската корист би била 1.040.000 евра. И уште позначајно – со тоа би биле спречени дури три предвремени смртни случаи кај тие луѓе – вели д-р Шунтова.

Овие двајца лекари велат дека јавното здравје, за жал, не ја ужива вистинската вредност во Македонија, па поради тоа, а и како студенти во петта година на Медицински факултет кога всушност и го почнале истражувањето, не го штеделе ентузијазмот да придонесат во науката и токму во јавното здравје.

Објаснуваат дека трудот го започнале со анализа на прирачникот за употреба на т.н. ХЕАТ алатка, и за тоа како поуспешно таа да се примени во нашата држава. Во суштина ХЕАТ алатката овозможува да се проценат здравствените и економските придобивки на пешачењето, манипулирајќи со одредени модуси и параметри кои таа ги дава.

Одењето можеби изгледа тривијално, но е најдобар лек

И двајцата не кријат дека не биле доволно едуцирани за пишување на научен труд, што е, како што велат, долг и макотрпен процес кој бара многу истражување и читање на други трудови поврзани со темата, сублимирање на податоци, споредба на резултати од студии… Но, додаваат, имале среќа што не биле оставени сами на себе, за што се благодарни на нивниот ментор, проф. д-р Игор Спироски, кој секогаш бил тука и за најбаналните прашања, како и на доц. д-р Шабан Мемети за институционалната поддршка.

– Како веќе дипломирани млади доктори, искрено, многу ни е мило што гледаме дека меѓу населението расте интересот за здравјето. Но, за жал, забораваме на големата филозофија „се почнува со лекување пред разболување“. Одењето (пешачењето) за различни цели, колку и да изгледа тривијално, залудно и безвредно, не е толку неважно колку што изгледа. Хипократ рекол: одењето (пешачењето) е најдобар лек – вели д-р Буковец.

Во анкетниот прашалник од истражувањето, 48,7 проценти од испитаниците одговориле дека секој ден пешачат, што за него е незадоволителна бројка која покажува колку сме несвесни за активноста која ја вршиме секој ден, а уште помалку за нејзината важност.

Сите полнолетни да пешачат од 150 до 300 минути неделно

Пешачењето е најстарата и наједноставната форма на вклучување на мускулатурата и, иако не се цени како тренингот во вежбалница (кревање тегови, пилатес, кросфит…), е најбезбедната форма и во долгорочен план најпрепорачлив начин на физичка активност.

– Препорачаното време за умерена физичка активност е 150-300 минути или најмалку 75-150 минути енергична-интензивна аеробна физичка активност во текот на неделата за сите возрасни категории над 18 години, лица над 65 години и лица со хронични заболувања, како што се дијабетес тип 2 (шеќерна болест), висок крвен притисок, преживеани од рак и многу други болести. Освен тоа, сите овие групи на луѓе треба да го ограничат времето поминато во седење, а на дневно ниво, да практикуваат најмалку 30 минутно пешачење – велат нашите соговорници.

Многу често педометрите на нашите мобилни телефони или специјализираните интернет-страници препорачуваат да правиме 10.000 чекори дневно. Докторите имаат појаснување и за тие 10 илјади чекори дневно.

– Без да навлеземе во детали, сосема кратко да разјасниме неколку работи за 10.000 чекори дневно. Постојат студии кои покажуваат дека и со пешачење помалку од 10.000 чекори дневно се намалува ризикот од прерана смрт, односно има позитивни здравствени придобивки, почнувајќи од намалување на високиот крвен притисок, па сѐ до позитивни ефекти врз менталното здравје. Реално, малкумина од населението ја достигнуваат таа цел од 10.000 чекори. Токму заради тоа, официјалните упатства за физичка активност издадени од Светска здравствена организација, САД и други држави меѓу кои и нашата, користиме време, а не чекори, за да изразиме дневна потреба од физичка активност – вели д-р Шунтова.

Повеќе пешачење за помалку загадување и поголемо задоволство

Намалувањето на физичката активност делумно се должи на неактивноста во слободното време и т.н. седечко однесување на работа и дома. Исто така, зголемувањето на употребата на пасивните начини на транспорт, придонесува за недоволната физичка активност.

– Во Македонија, во секторот-транспорт, 88 отсто од загадувањето е заради патничките возила. Погледнете наоколу, речиси во секој автомобил има само по еден човек, а автомобил се употребува и за кратки дестинации, за прикажување на општествен углед, поголема комоција, за да се будиме подоцна, дури и за одење во вежбалница, каде нели, ќе се изврши многу посилна физичка активност од пешачењето и уште многу причини кои верувам дека сами би ги додале. Како прв чекор, можете барем да започнете со користење на јавен транспорт како превозно средство, потоа, слегување или качување неколку постојки пред последната постојка, за со тек на време да одите и да се вратите до посакуваната дестинација пешачејќи – советува д-р Буковец.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Двајцата лекари имаат уште низа други препораки кога станува збор за пешачењето, здравјето и задоволството.

– Има многу што да се каже, но ние би ги издвоиле следниве препораки: изберете ја онаа физичка активност која ја сакате, ви е интересна и ви причинува задоволство, за да можете долгорочно да ја извршувате. Сепак, имајте на ум дека пешачењето е најевтината и најлесно изводлива програма за физичка активност. Доколку времето не ви дозволува 30-минутно непрекинато пешачење, можете овие 30 минути да ги поделите три пати во денот.

Со тек на времето, додаваат лекарите, самите ќе почувствувате потреба за постепено зголемување на интензитетот или растојанието.