Фотографиите ќе бидат доставени до надлежните

Во време кога сите зборуваат дека болестите и инфекциите доаѓаат преку нечисти раце, никој од надлежните не се грижи за тоа што нема сапун во училишните тоалети, вели претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи

Средношколци од различни училишта во државата деновиве на социјалните мрежи споделуваат фотографии од училишните тоалети, на кои се гледа дека тие не се чистат и не се одржуваат редовно и дека во нив нема ниту сапун, најосновното средство, без кое учениците не можат да ја одржуваат личната хигиена. Учениците поминуваат по осум часа во текот на денот на училиште, а се принудени рацете да ги мијат само со вода.

Како што вели претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, во време кога сите зборуваат дека болестите и инфекциите доаѓаат преку нечисти раце, никој од надлежните не се грижи за тоа што нема сапун во училиштата.

– Од тоа што се гледа на сликите, може да се каже дека тоалетите се во лоша состојба. Плочките се оштетени, мијалниците се оштетени, местата на кои имало течен сапун, сега се празни, сапун нема речиси никаде. Сите ни велат периодов да се заштитиме од грип, од вируси и од други инфекции, а ние немаме најосновни средства за лична хигиена – вели Ходаи.
Тој вели дека целта со кампањата во која се поставуваат слики на Инстаграм, Фејсбук и на Твитер, е да се согледа состојбата секаде низ државата.

– Откако ќе се соберат фотографиите, планираме да им ги покажеме на надлежните во Министерството за образование и во други надлежни институции, затоа што не може вака да продолжат да функционираат работите. Точно е дека и ние не се грижиме за инвентарот во тоалетите, но за тоа е потребно да се организираат едукативни работилници за да се зголеми свеста – додава претседателот на Сојузот.
Во Министерството за образование и наука објаснуваат дека пари за оваа намена државата обезбедува преку блок-дотации што ги добиваат општините.

– Средствата што се утврдени со буџетот се распределуваат во согласност со критериуми како што се податоци за вкупниот број ученици во општината, ученици во предметна настава, ученици со посебни потреби и сл. Со парите од блок-дотациите општината е должна да ги сервисира сите потреби на училиштата, како што се плати на вработените, тековно одржување, комунални трошоци, гориво, превоз, здравствени систематски услуги, дезинфекција и дератизација на училишните објекти, средства за тековно одржување, набавка на канцелариски материјали, наставно-образовни помагала, сервисирање на ПП-апарати… – појаснуваат во Министерството.

Ова значи дека, по правило, родителите не смеат да купуваат тоалетна хартија, сапун и други средства за хигиена што ќе ги користат нивните деца на училиште. Сепак, во практиката на секој први септември родителите купуваат сѐ што е потребно, затоа што училиштата се правдаат дека немаат пари да набавуваат средства за одржување хигиена. Освен тоа, се купуваат и завеси за во училницата, се даваат пари за шкафчиња, клима-уред, нови табли, како и за уште многу други потрепштини што не се обврзани да ги плаќаат и набавуваат, туку тоа го прават по своја иницијатива.

Кампањата со фотографиите од тоалетите без сапун, кои се објавуваат на социјалните мрежи, ќе трае во следниве три недели. Потоа учениците што се членови на Сојузот ќе им ги достават на надлежните за образование и за здравство, од кои очекуваат дека ќе ја сменат ваквата состојба.


Нема вонреден распуст и покрај 5.660 новозаболени од грип

Расте активноста на грипот во државата, евидентирани се вкупно 5.660 новозаболени лица од сите градови во државата, што претставува 74-процентно зголемување, информираат во Институтот за јавно здравје. Лабораториски е докажано присуство на инфлуенца тип А и Б. Најголем број од заболените лица припаѓаат на возрасната категорија од 15 до 64-годишна возраст. Засега нема одлука за вонреден распуст, иако се преполовени паралелките во училиштата. Комисијата за заразни болести ја следи состојбата со новозаболени деца во училиштата и во зависност од процените ќе предлага нови мерки и препораки, во согласност со состојбата на терен.
Инаку, досега се регистрирани вкупно три смртни случаи од грип, од кои едно 14-годишно девојче и двајца мажи на возраст од 50 и 85-годишна возраст.