Фото: Игор Бансколиев

ПЛАНИРАЊЕ НА ИДНИНАТА ВО МАКЕДОНИЈА

И покрај свеста дека крајот на годината не е ниту крај, ниту почеток, туку продолжение на постоењето со сета мудрост на искуството во нас, секоја Нова година го носи со себе здивот на иднината како и предизвикот за нов почеток. Или барем на размислување за планови за реализирање на желбите и амбициите за иднината. Колку и да звучи општо и стереотипно поврзувањето на Нова година со соништата и планирањето на иднината, како соочување со реалноста го поставуваме прашањето: колку е можно и предвидливо да се планира личната иднина во Македонија. Наспроти трендот на иселување, политизираност на секојдневието, економско-социјалната неизвесност… колкава креативност и верба се потребни за планирање на иднината во Македонија.

– Луѓето во Македонија се свесни дека за да си ги остварат желбите и амбициите мораат да вложат поголем напор и да се служат се поинакви методи, отколку на пример луѓето на Запад. Зборувам за западните вредности, затоа што ние сепак најмногу се угледуваме и споредуваме со тој мериторен систем, иако постојат и други вредносни параметри во светот, кои сепак нам ни се подалечни. Познато ни е дека во она што ние го подразбираме како Запад, има развиена социјала и државата им помага на граѓаните во остварувањето на нивните основни потреби, па и амбиции. Но исто така сме свесни дека Македонија не е богата држава, можностите за социјална поддршка се многу ограничени, административниот систем е раштиман.., па во голема мера реализацијата на сопствените желби и амбиции е оставено само на нас. На пример, ако во Норвешка државата ги „моли“ младите да учат и да напредуваат, но се наидува на недостиг од амбиција, кај нас, токму поради недостатоците на образовниот систем се развиваат амбицијата и креативноста во наоѓање методи за постигнување личен развој – проценува психологот Мирјана Стојановска-Јовановска.
Проценувајќи ги можностите за планирање на иднината во Македонија, психологот Стојановска-Јовановска нагласува дека еден параметар за сопствена реализација како личности е ист и во Македонија и на Запад, а тоа е дали како личности успеваме да го најдеме личниот мир.

– Одлуката да учиме, да се надградуваме, какви релации ќе градиме со луѓето околу нас…, не зависи од тоа каде живееме и колку сме богати. Сопствена е одговорноста за одлуките и насоките во личниот живот. Еден дел од квалитетот на животот е да се успее да се пронајде начин да се биде задоволен во сопственото живеење. Метафорично кажано: да бидеме среќни не мора да се искачиме на Монт Еверест, туку да најдеме задоволство и во искачувањето на Водно. Да се биде среќен е работа на лична надградба – вели Мирјана Стојановска-Јовановска.
Од друга страна, професорот социолог, Ѓорги Тоновски, директно ја соопштува социолошката вистина дека Македонија е социјално и класно поделено општество и дека во зависност од припадноста на класно-социјалната структура различно може да се остваруваат желбите и соништа.

– Државата не е толку богата за да овозможи пронаоѓање и следење на талентите, односно да даде соодветна поддршка за тие талентирани индивидуалци да се посветат сериозно на развојот на својот талент. Генерално земено, во овие историски времиња, нема време за големи соништа. Многу малку се тие во овој миг на македонското општество што можат да си дозволат остварувањето на некакви планови за иднината. Тоа е и една од причините за отселувањето, односно т.н. валкана социјална екологија, што значи неможноста да бидеш она што си, неможноста да ја оствариш сопствената визија – вели професорот Ѓорѓи Тоновски.

Меѓу другите општествени „опструкции“ за планирање на иднината, професорот Тоновски ги истакнува катастрофалните меѓучовечки односи во општеството, односно поделеност по политичка основа, што добива размери на своевидна цивилизациска фрустрираност. На тоа се надоврзуваат и изместениот вредносен систем, каде што доминира вулгарната материјалност, а не се признаваат хуманоста, емоциите, сентиментот, што поставува сосема погрешни параметри за планирање на иднината.
– Освен за планирање на личната иднина, ова е време кога треба да се размислува за национално позиционирање во иднината, односно да размислува како македонските граѓани ќе се позиционираат во услови на заедница од 500 милиони жители во ЕУ. Загрижувачки е што земјава воопшто не е интегрирана во европскиот дух. За почеток, сѐ уште се малку оние што функционално зборуваат странски јазици, а уште позагрижувачки е што и немаат амбиција да учат. Ова е време кога за иднината треба да се размислува во европски дух, а во Македонија сѐ уште нема услови за тоа – вели социологот Ѓорги Тоновски.

Колку и да се прават обиди да се апстрахира моментот на политиката во проекциите за сопствената иднина, сепак ноторна реалност е дека при реализација на амбициите, во одреден момент се удира во ѕидот на политизираноста на секојдневното живеење. Политичкиот аналитичар Александар Пандов дури смета дека „планирање на личната иднина во Македонија, без некаква политичка заднина е како трка на сто метри, а другите (со политички релации) да имаат 50 метри предност“.

– Искрено, искуството во овие три децении независност на Македонија говори дека многу е потежок и посуров патот на лична реализација ако е без политичка поддршка, или барем без комуникација со луѓето што управуваат со политичките случувања и процеси. И тоа не е случај само во оној државен, административен сектор, туку и во приватниот сектор – планирањето и проекциите за развој речиси секогаш зависат од одлуката за соработка на некој политичар. Поразувачки е што ниту завршеното образование е станато ирелевантно во однос на некаква воспоставена релација со политиката. Притоа, секаде функционира системот на негативна селекција, па планирање на личната иднина во Македонија, без некаква политичка заднина е како трка на сто метри, а другите (со политички релации) да имаат 50 метри предност. Сето тоа, само по себе е фрустрирачки и понижувачки, а уште повеќе затоа што имаме можност (или сме можеби осудени) да гледаме како функционираат нормалните општества. Потребен ни е многу голем ментално политички пресврт за Македонија да стане пожелно место за планирање на сопствената иднина. Не сум многу оптимист дека тоа ќе се случи само ако ги затвориме очите и си го посакаме како новогодишна желба – размислува политичкиот аналитичар, Александар Пандов.