Вчера се навршија три години од заминувањето на легендарниот македонски карикатурист, автор на познатиот стрип „Пецко“, сатиричар, филмски режисер, чие име често се споменува во различни пригоди и од страна на различни генерации. Дарко Марковиќ (1940 – 2016) во своите дела незаборавно ја бележеше стварноста, укажуваше на низа неправилности и грешки што ги правеа владејачките гарнитури во чие време живееше, а и на мошне духовит начин им укажуваше и на обичните луѓе како да си ги минуваат своите „обични“ денови. Неговиот брат д-р Ненад Марковиќ, кој живее и работи во САД, по повод тригодишнината од заминувањето на великанот, реши со читателите на „Нова Македонија“ да ја сподели сe уште необјавената карикатура насловена „Quo vadis“ („Каде одиш“), која му ја подарил Дарко Марковиќ.