Споменик на бугарскиот полковник Каварналиев во Дојран

Со барањата за возобновување нивни споменици, соседите си ја остваруваат својата цел – креирање нов наратив за историските настани. Во таква функција е и работата на мешовитите историско-образовни комисии, кои под притисок на политиката мора да донесат историски апсурдни решенија, тврдат историчарите

Подигнувањето споменици во Македонија се покажува дека е иницијатива што предизвикува политички импликации од различна природа и мотивација.
Најновата „споменична епизода“ во македонската политика, со возобновувањето во Дојран на споменикот на бугарскиот полковник Каварналиев, кој загинал таму во 1913 година во Балканските војни, претставува дел од контекстот на спроведување на договорот за добрососедство и соработка што Македонија го потпиша со Бугарија пред две години, како залог за својата побрза евроинтеграција. Пред обновениот споменик на бугарскиот воин неодамна се поклонија македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот Бојко Борисов, но во македонската јавност сепак остана неразјаснето кој е обединувачкиот мотив за ова нагласено димензионирано споменично обележје, што би ги поврзувало Македонија и Бугарија. Имено, полковникот Каварналиев има бележито место на херој во бугарската историја, но речиси никакво значење за македонската. Тој во 1913 година загинал во битка на денешниот пат меѓу Дојран и Валандово (на македонска територија), а првиот споменик на полковникот бил подигнат во 1916 година, кога Бугарија неуспешно се обидела да го добие делот од Македонија, кој не го добила во Втората балканска војна. Во 1966 година споменикот бил урнат…

Заплетканата балканска историја, особено во тој контроверзен период на Балканските војни, во кој македонскиот фактор (територија и население) бил мотив и причина на воено освојување, и во денешно време предизвикува многу скептицизам во поглед на важноста и придонесот на полковникот Каварналиев за градење на сегашното добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.

– Споменици се граделе во секое време на човековото постоење и во секој општествен систем и секогаш се граделе за одржување на сеќавањето за некој настан или личност, кои би требало да ја содржат обединувачката компонента меѓу луѓето што градат некакво заедништво. Но историски факт е дека, како што се граделе, така и се уривале спомениците… Сепак, цивилизирано е да се почитуваат гробиштата и спомениците на сите војски, зашто сепак тоа е почит за мртвите, кои, веројатно, загинале за нечии туѓи интереси. Но најголемиот проблем со споменичните обележја на Балканот е што тие се користат како доказ за освоена територија. Конкретно, споменикот на бугарскиот полковник Каварналиев, кој се возобнови на македонска територија, можеби им значи на Бугарите, но нема некакво (позитивно) поврзувачко значење за Македонците. По тој пример, и Србите би можеле да бараат обновување на споменикот на генерал Ковачевиќ во Штип, подигнат по Првата светска војна, а урнат од Бугарите за време на Втората светска војна. Што би значело тоа за Македонија? Дека треба да ги обновува спомениците на сите војски што минувале низ нејзина територија со намера да ја освојат? А притоа, немаме ниту едно споменично обележје за Македонците што загинале во Првата светска војна, регрутирани во туѓи војски – вели историчарот Тодор Чепреганов.

По возобновувањето и поклонувањето пред споменикот на бугарскиот полковник во Дојран, во јавноста својот став го изнесоа повеќе македонски интелектуалци. Меѓу другите, режисерот и граѓански активист, Владимир Милчин се прашува за причините за присуството на тој чин на македонскиот премиер.

– Каварналиев неоспорно бил храбар и верен војник на Царството Бугарија и направил блескава кариера. Во Македонија во две војни се борел за интересите на Бугарија, а цехот го платиле жителите на два града. Можам да го разберам присуството на Борисов, но не можам да го разберам присуството на македонскиот премиер Заев на обновувањето на споменикот на висок офицер на држава, која „ослободувајќи“ ја Македонија во три војни се обидувала да ги задоволи своите ситноимперијалистички апетити. Тие апетити ја довеле и до тоа да биде квислиншка држава, сојузник на нацизмот. Ај да видиме дали Заев ќе се поклони пред гробот на Јане Сандански во придружба на Борисов – пишува Владимир Милчин на социјалните мрежи.

Со слична реакција за истиот настан, се огласи и здружението Македонски манифест, во кое се забележува покажаната отвореност на Македонија за дијалог со Бугарија и Грција со потпишувањето на договорот за добрососедство со Софија и со потпишувањето на Преспанскиот договор со Атина, како и отстапките што ги направи Македонија. А во исто време се зачестени навредите кон македонскиот народ, и тоа токму од истите наши соседи.

– Често нашите актуелни официјални лица се повикуваат на договорот за добрососедски односи со Бугарија. Актуелна е и работата на комисиите за чествување личности од заедничката историја. Но во случајов е сосема јасно дека бугарскиот полковник не е позитивен пример за заедничко чествување. Се возобновува споменик на бугарскиот полковник, а прекуноќ се руши споменикот на револуционерот Андон Лазов-Ќосето. Прекуноќ и без објаснување го снемува споменикот на Борис Сарафов од пред Министерството за надворешни работи во Скопје. Споменикот на војводата Александар Турунџев е оставен и заборавен во дворот на општината во Битола, меѓу паркираните возила на вработените во општинската администрација, напуштен и заборавен… – реагираат од Македонски манифест.

Овој чин на возобновување споменици, без значење за колективната меморија на Македонија, историчарите не го ценат како намера за возвратно почитување од страна на соседите, туку користење на асиметричноста на соседските договори, според кои само едната страна треба да биде задоволена.

– Соседите, во актуелната македонска влада си најдоа златна рипка, која им ги исполнува сите желби. Барања од Бугарија за возобновување споменици во Македонија од Балканските војни и од Првата светска војна имаше уште пред повеќе години, но поранешните македонски влади барем бараа (и го почитуваа) мислење од Институтот за национална историја. Сметам дека соседите со ваквите барања за возобновување нивни споменици си ја остваруваат својата цел – креирање нов наратив за историските настани. Во таква функција е и работата на мешовитите историско-образовни комисии, кои под притисок на политиката мора да донесат историски апсурдни решенија. Најстрашното е што петмина луѓе во тие комисии одлучуваат за колективната меморија на еден народ – вели историчарот Тодор Чепреганов.