Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Кај адолесцентите малку е поспецифична состојбата бидејќи тие се сами по себе во конфликтни години, кога отфрлаат авторитети, не слушаат родители, имаат потреба да се докажуваат и се под притисок и од дома и на училиште

Најмладиот пациент што има анксиозност и панични напади и со кој работам има само 14 години. Борбата е тешка, но решение постои. Сѐ е полесно кога родителите се совесни и преземаат мерки навреме за своите деца. Ова го вели психологот м-р Милка Ололоска, од ординацијата „Имаго селф“, која изминативе години најмногу работи со пациенти, кои имаат токму вакви психолошки состојби. Таа вели дека сѐ повеќе млади страдаат од анксиозност и дека многу е важно да се знае дека времето не е лек за сѐ, туку треба навреме да се реагира со психотерапија.

– Работам со адолесценти. Со самото време ништо не се решава, тоа ништо не прави, туку треба да се работи психотерапија, да се најде изворот за настанување на овие психолошки состојби и да се научи личноста како да владее кога ќе има паничен напад. Кај адолесцентите малку е поспецифична работата бидејќи тие се сами по себе во едни конфликтни години. Во периодот на адолесценција тие се ментално деца, а физички се возрасни – вели Ололоска.
Таа објаснува дека во тој период постои конфузија, која негативно придонесува во зголемувањето на анксиозноста.

– Ако немаат издувен вентил, вознемиреноста и стравот се одржуваат. Самите случувања, притисокот од семејството, од училиштето, придонесуваат и дополнително му создаваат на младиот човек внатрешни конфликти. Тој е во таква состојба кога и хормоните влијаат, а во тие години се отфрлаат авторитети, не се слушаат родители, професори. Исто така тоа е период во кој младиот човек гледа дали е прифатен од групата, сака да се докаже, или е страшно погоден ако во некој спорт на пример, не постигнува успех. Исто така, анксиозноста може да е резултат и на тоа ако личноста е жртва на врсничко насилство во училиште – појаснува психологот.
Психолозите сметаат дека не треба по секоја цена да се оди веднаш на решавање на проблемот со пропишување лекови.
– Јас сум за поинаков, поздрав пристап. Таблетите се секогаш тука, но треба да се отвори душата на младиот човек. Ако станува збор за психоза, тогаш нормално дека треба терапија, но кај анксиозноста и кај паничните напади нема потреба веднаш да се пристапува со лекови – вели таа.

Aнксиозност имаат и луѓе од 20 до 30 години, кога се во подем и на приватен и на професионален план. Тогаш се судираат со внатрешни конфликти. Психолозите велат дека расте бројот и на неврозите и на другите психолошки нарушувања.
Во меѓувреме, нова студија направена на Универзитетот во Сан Диего, покажала дека тинејџерите, особено девојчињата што поминуваат неколку часа пред телефон или пред таблет, ризикуваат да заболат од депресија и да имаат мисли поврзани со самоубиство. Тоа укажува на потребата родителите да набљудуваат и да имаат контрола врз нивните деца.
Студијата покажала дека стапката на самоубиства кај девојчињата во Америка на возраст од 13 до 18 години се зголемила за 65 отсто во периодот од 2010 до 2015 година, а зголемен бил бројот и на тинејџери што се соочиле со чувство на безнадежност, размислување за самоубиство, планирање самоубиство или обид за самоубиство. Бројот на тинејџерки што пријавиле симптоми на тешка депресија се зголемил за 58 проценти.

Многубројни се симптомите на анксиозност, панични напади, и други анксиозни нарушувања. Најчести се вкочанетост во телото, вртоглавица, болка во градите, главоболка, тензија во вратот, стомачна вознемиреност, постојана грижа и страв од тоа што ќе биде, гадење, чувство на недостиг од воздух, срцеви прескокнувања, проблеми со спиењето. Кога личноста во некои од овие симптоми ќе ги направи сите прегледи и ќе увиди дека нема никакви проблеми со физичкото здравје, неопходно е да посети психолог и психијатар, за да почне да учи како да ги контролира емоциите и нападите на страв и на загриженост.

Фото: Маја Јаневска-Илиева