Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со досегашните законски решенија за легализација на дивоградбите во земјава, во принцип, се третираше единствено урбанистичкиот аспект, но не и конструктивниот, архитектонскиот, енергетскиот и други карактери на објектот, кои се од голема важност, бидејќи се поврзани со безбедноста на луѓето, укажуваат експертите

Што за граѓаните ќе донесе новиот предлог-закон за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, како и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, чии текстови требаше да бидат утврдени на вчерашната владина седница, е прашањето што се наметна откако невладините активисти и организации деновиве предупредија дека сето тоа е заради легализирање дивоградби и продолжување на урбанистичкиот хаос. Се надоврзаа и експертите со прашањата за чии интереси токму сега се менуваат законите и кој во тој процес ќе добие, а кој ќе изгуби, ако се има предвид дека проблемот со дивоградбите не е нов во земјава и дека се влече со децении. Освен тоа, тие стравуваат и дека законот би можел да биде и дискриминаторски, бидејќи, како што е најавено, со ова решение се дава можност за легализирање на сите објекти изградени до први октомври 2019 година, освен на оние во Охрид и во Струга.

За потсетување, државата веќе четири пати досега даваше слична можност за легализација на дивоградбите со определени рокови, а на терен продолжуваа да никнуваaт нови објекти, без соодветна документација, што, според упатените, остава сомнежи дека и ова ново законско решение ќе даде плод.
Професорот Горан Марковски од Катедрата за бетонски конструкции и мостови, на Градежниот факултет на УКИМ, вели дека во суштина секое законско решение на оваа проблематика е добро за граѓаните, но истовремено треба добро да се обмисли и состави во текст што ќе ги опфати сите сегменти од проблемот. Според професорот, при легализација на дивоградбите мора да се внимава и на конструкциите на објектите, односно да се провери дали дивоградбата е изградена според стандардите, бидејќи, како што појаснува професорот Марковски, во сеизмичко активно подрачје како што е нашето мора да се внимава и на овој аспект.

– Со досегашните законски решенија за легализација на дивоградбите во земјава во принцип се третираше единствено урбанистичкиот карактер во законското решение, но не и конструктивниот, архитектонскиот, енергетскиот и други карактери на објектот. Овие аспекти, особено конструктивниот, по мене се од голема важност, бидејќи се поврзани со безбедноста на луѓето, што, се разбира, е можеби и најсериозниот елемент кај овие градби. Дали со новиот закон ќе се вклучат овие елементи за кои говорам, не знам и затоа не би можел да коментирам. Се надевам дека во ова законско решение ќе биде пропишана ваквата контрола, зашто со легализацијата и со впишување во катастар тие рамноправно излегуваат на пазарот на недвижности, а со тоа е можно да се загрози безбедноста не само на оние што во моментот ги поседуваат туку и на идните потенцијални сопственици – објаснува професорот Марковски.

Според него, во никој случај не смее да се дозволи легализација ниту доколку изградената дивоградба на кој било начин ги загрозува другите објекти.
– За реализација на легалните објекти се потребни проект, негова ревизија, три позитивни мислења од ИЗИС и низа други одобренија и докази за квалитет и сл. За разлика од нив, легализацијата на дивоизградените објекти би се свела единствено на претпоставки – предупредува професорот Марковски.

Во исто време и урбанистите засега се воздржани за новото законско решение, сѐ додека не го видат во целост. Сепак, поголемиот дел од нив е против вакви масовни легализирања, зашто станува збор за политички одлуки што им штетат на урбанистичките планови. Како што велат тие, со ваквите легализации на некој начин се казнуваат тие што во изминатите години граделе со дозвола и ја третирале процедурата според закон, а сега се ставаат во поволна ситуација тие што граделе на диво и имаат средства сега да платат. Бидејќи со ваквиот модел, како што објаснуваат упатените, кај сегашната, исто како и кај претходната власт, јасно се препознава намера за полнење на буџетот, тие предупредуваат дека тоа сериозно ја загрозува безбедноста на граѓаните.

Инаку, од она што се знае досега е дека можност за легализација ќе имаат сите градби изградени без дозвола што претставуваат функционална целина и се приклучени на вода и струја до октомври. Освен цели објекти, ќе се легализираат и доградби и надградби.

Цената за легализација нема да биде по едно евро, туку ќе се плаќаат сите комуналии, зголемени за 50 отсто. Од плаќање ќе бидат ослободени верските заедници што граделе на диво верски објекти, јавните институции, како и социјалните загрозените. Новиот закон за легализација нема да важи за дивоградбите од охридскиот регион.
– Од предлог-законот треба да бидат изземени сите видови бесправни објекти изградени во границите на охридскиот регион, во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во списокот на светското природно и културно наследство – информираа од Владата.

Инаку, државата во четири наврати, вклучувајќи го и сегашниот, од март 2011 до крајот на 2018 година, овозможуваше да се поднесуваат барања за легализација. Во тој период беа поднесени над 430 илјади барања, повеќе од половина од нив веќе имаат правен статус со имотен лист, значителен дел е во постапка на решавање, а нерешените имотноправни работи беа главен кочничар на процесот. За каков процес станува збор и со колкави димензии, доволно зборува фактот што во земјата, според информации на упатените, и сега има пријавено за легализација 300-400 илјади објекти.

[email protected]