Маја Јаневска-Илиева

Најстариот дневен весник „Нова Македонија“ непоколебливо работи во сите услови, за што сите се сведоци. И покрај тоа што изминатава година се работи во вонредни услови, весникот излегува секој ден.

Од минатогодишното традиционално сечење на тортата

И покрај тоа што годинава ја нема традиционалната торта, ниту пак посетата на Горно Врановци, каде што во далечната 1944 година е отпечатен првиот број, вработените со радост во срцето го одбележуваат овој голем ден за македонското новинарство, секој во своите домови, секој со посебна љубов кон она што го работи и создава.

Посета на Горно Врановци

Седумдесет и шест години историја е сериозно сведоштво за еден народ, посебно за народ што минал бури и разни премрежја. Да се биде сведок на еден народ, на човечки животи и судбини, е сериозна работа и бара одговорност, а пред сè објективност и праведност. Токму тоа е она што овој медиум секој ден го нуди на читателите. А читателите не треба никогаш да се потценуваат. Тие се најостри судии и критичари на пишаниот збор.

Токму затоа тие знаат дека во „Нова Македонија“ можат да гледаат свој искрен пријател. Пријател што нема никогаш да им зарие нож во грб, пријател на кој можат да се потпрат и што ќе им биде ветер во едрата.

Во 1963 година, кога катастрофалниот земјотрес го сруши речиси цело Скопје, додека сите си ги бараа своите блиски, новинарите од „Нова Македонија“ бараа печатница за да биде отпечатен и следниот број. Тие се воделе од начелото дека новинарите се своевидни запишувачи на историјата.

Ова е само еден мал доказ за професионалноста, која е начело за весникот „Нова Македонија“. Така ќе биде и во иднина затоа што ние се грижиме за читателите, се грижиме за човештвото, за сите нас.

Ние само се надеваме дека наскоро ќе завршат овие кризни времиња и дека ќе можеме да ги славиме сите родендени, не само нашиов денес, онака како што ги прославувавме до неодамна, со допир, прегратка и убав збор, кажан одблиску, срдечно и од срце.

Нека ни е честит роденденот!

 

Од веб редакцијата