Светски ден на водата

Основната дејност на ЈП Водовод и канализација – Скопје е обезбедување на чиста и здрава вода за пиење, нејзина дистрибуција до секој корисник, како и одведување и третман на урбаните отпадни води.

Оваа година Светскиот Ден на водата е посветен на поткревање на свеста за глобалната криза за вода, значењето на водата за човештвото и како можеме да ја заштитиме.

Во таа насока ЈП Водовод и канализација – Скопје повеќе од 100 години ги вложува своите капацитети и ресурси и овозможува услови за водоснабдување на градот Скопје со питка и квалитетна вода од изворот Рашче. Денес над 1.200 вработени во ЈП Водовод и канализација – Скопје, предводени од тим на професионалци во својата област, се грижат за одржувањето на изворот Рашче, неговата заштита, проверката и потврдата на квалитетот на водата, приемот на водата во системот, нејзината безбедна дистрибуција до крајните корисници како и за третманот на отпадните води.

– Имајќи го предвид фактот дека водата е извор на животот, а ние имаме и користиме вода од природен извор, што е навистина реткост во Европа и светот, вложувањата на ЈП Водовод и канализација – Скопје се во насока на унапредување на работните процеси, стандардизацијата, модернизацијата и заштитата на водата и на животната средина во чекор со најновите европски и светски директиви кои обезбедуваат одржлив развој, сигурност, безбедност и можности за задоволување на потребите на
корисниците и градот Скопје. Во насока на непречен развој на градот во иднина направени се, и се прават, истражувања за потенцијалните извори на водоснабдување што претставува голем чекор напред во однос на заштитата на изворот Рашче, како и обезбедување на неговата одржливост – посочи Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје, додавајќи дека за претпријатието секој ден е Светски ден на водата.

– Водата од изворот Рашче е природна, квалитетна и по својот состав и минерологијата, не само што е на второ место во Европа, туку е и од витално значење за здравјето на граѓаните и нивниот квалитет на живот. Нашиот високо-стручен тим во Секторот за санитарна контрола, го гарантира квалитетот и исправноста на водата за пиење од изворот Рашче. Истиот се потврдува преку испитувањата кои секојдневно се изведуваат во хемиската и микробилошката лабораторија кои се единствени акредитирани и сертифицирани лаборатории за изведување на таков тип на испитувања во нашата држава и чии резултати и постигнувања се потврдени од институции на европско и светско ниво – вели Билјана Петровска, раководителка на Секторот за санитарна контрола, при ЈП Водовод и канализација – Скопје.