Илјадници граѓани од сите краишта на Македонија, вчера во Битола протестираа против, како што нагласија, „договорот за капитулација на Република Македонија“. Колоната, на чие чело беше Христијан Мицковски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што го испрати повикот за протест, својот марш го почна од пред спортската сала „Младост“ до плоштадот „Гоце Делчев“. Мицкоски нагласи дека Македонците отсекогаш низ историјата на своето постоење се стремеле и верувале во единствената идеја за суверена, независна и за самостојна Република Македонија.
– Имало луѓе што се организирале и се бореле за единствената идеја. И покрај сите падови што не ги чинело само политички кариери, туку и многу поскапо, ги чинело нивните животи, кои ги положиле со една цел и за една идеја, а таа идеја била Република Македонија – рече на почетокот на митингот Мицковски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на собирот во Битола против промената на името, истакна дека тој го слуша гласот на народот.
– Се соочуваме со предавство и со капитулација, а тоа е договорот за промена на нашето вековно име – истакна Мицковски.
Тој нагласи дека токму историјата ќе му биде судија на овој договор.
– Ние во еден глас да порачаме „Македонија“. Тоа е нашето име браќа и сестри. Име што се изговара со внимание и со силна енергија. Нашето име е големо. Тоа е она што бевме, тоа е она што сме и тоа што ќе бидеме. Горди Македонци. Македонија останува нашата иднина – истакна Мицкоски.