Историски ден што ќе се памети во двете држави. Вака беше оценета посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Скопје, која е прва официјална на премиер на Грција на земјава, и која, како што се согласија двајцата премиери, е силен израз на заедничката политичка волја и јасен знак за решавање на отворени прашања како придонес за еден нов Балкан.

Двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас, согласни дека двете земји загубија многу време, три децении, и оти сега е моментот за надминување на сите јазови. Повикаа да се премине од историја на војни и наратив на поделби и да се изгради еден нов наратив, на соработка и раст.

Ципрас дециден дека Грција ќе продолжи со поддршката на Северна Македонија во нејзините напори да продолжи со неопходните реформи и да стане дел од ЕУ.

– Северна Македонија е земја која благодарение на Договорот и тешките реформи преземени од Владата и покажува на Европа дека е одлучна да оди по европскиот пат. Грција на овој напор ќе биде сојузник и партнер на Северна Македонија и верувам дека сите европски партнери ќе сфатат дека земјата треба да биде наградена со пристапни преговори и тоа во јуни – подвлече грчкиот премиер.

Заев порача дека Договорот од Преспа е неповратен процес, од него може да се очекуваат придобивки за двете држави, за граѓаните на двете земји, а со тек на време тоа ќе го сфатат и оние кои се противат, но и опозициите во двете земји.

Додаде дека и кога опозицијата ќе стане власт и во едната и во другата земја, со текот на времето ќе постапат во согласност со договореното, бидејќи, како што рече „секој сака да го сочува тоа што е постигнато и да оди напред“.

Ципрас напомена дека тој и Заев ги користеле истите аргументи во одбрана на договореното и додаде дека лидерот на Нова демократија, Мицотакис и покрај противењето на ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО со согласил дека нема да поставува прашања во однос на Договорот во иднина.

Договорот, нагласи Ципрас, предвидува бришење на сите иредентистички пристапи, потсетувајќи дека спомениците, кои се однесуваат на античка Македонија ќе бидат одбележани дека се дел од таа историја, со што, како што рече ќе се расчисти со античкото минато и култура.

Заев и Ципрас во рамки на зедничката седница на Високиот совет за соработка меѓу двете земји, потпишаа акциски план за зајакнување на сеопфатната соработка согласно Договорот од Преспа, додека повеќе меморандуми за соработка беа потпишани од министрите на двете земји за унапредување на соработката во различни сфери.

Од стагнација во меѓусебните односи, двете земји сега може да соработуваат, да ги искористат можностите и да се отстранат пречките за позасилена економска соработка, порачаа премиерите Заев и Ципрас вчера пред повеќе од 400 стопанственици од двете земји на Бизнис форумот Северна Македонија-Грција.

Околу 140 бизнисмени од секторот на градежништвото, енергетиката, прехранбената индустрија и нови технологии, го придружуваа грчкиот премиер Ципрас на бизнис форумот. Тој, на свеченото обраќање, порача дека не се дојдени да извршат економска инвазија на Скопје, како што пишувале некои од медиумите, тука напротив да ги искористат можностите и да ги отстранат пречките за економска соработка.

– Грција е влезна точка, а Северна Македонија е транзитна точка на сите иницијативи и проекти на Балканот. Затоа ние мора да ја искористиме можноста од Договорот и да се избориме со 27 годишната инертност – истакна Ципрас.

Премиерот Заев им изрази признание на стопанствениците дека и покрај политичката блокада низ изминатите години, дека тие го препознале потенцијалот на меѓусебната економска соработка. Посочи дека за тоа јасно зборуваат бројките: дека Грција е трет директен странски инвеститор во земјава со вкупно 474 милиони евра инвестиции од 1997 година до 2017, односно 10,1 процент од странски директни инвестиции во банкарскиот сектор, телекомуникациите, енергетика, градежништво, прехранбени производи…

– Во 2018 година Грција стана наш втор трговски партнер. Волуменот на размена во 2018 порасна за 20,7 проценти, споредено со 2017 година. Достигнавме меѓусебна трговија од близу една милијарда долари. За РСМ трговскиот дефицит се зголеми за 30,7 проценти, во споредба со 2017 година. Ова значи дека ќе работиме активно нашите компании да се борат да го зголемат својот извоз во Грција со што би го намалиле ваквиот дефицит. Или евентуално со зголемување грчки инвестиции во земјава да го избалансираме овој дефицит – истакна Заев.

Посетата на Ципрас на Скопје, предизвика огромен интерес не само кај македонските и грчките новинари, туку и кај медиумите од регионот. Официјалната посета на Ципрас на Северна Македонија, ја следеа 100 акредитирани новинари, од кои околу 40 од Грција.