Домот „11 Октомври“ функционираше од 1972 година.

Едната опција е по сместувањето на децата без родителска грижа во згрижувачки семејства или во мали групни домови, испразнетите домови да бидат искористени за нивно згрижување по полнолетството, а другата е да бидат претворени во работни капацитети што ќе бидат извор за нивната егзистенција и професионална надградба

Што ќе се случува со домовите во кои беа сместувани децата без родители откако државата одлучи тие бидат сместени во згрижувачки семејства или во мали групни домови? Дали тие објекти ќе останат како сместувачки капацитети за децата без родители кога ќе навршат 18 години или ќе бидат трансформирани во центри за поддршка на овие случаи? За оваа дилема сѐ уште нема конкретно решение. Министерството за труд и социјална политика има одредени планови, но невладините што работат на грижа за оваа категорија деца засега сѐ уште не подготвиле своја стратегија по ова прашање.

Според експертите за социјална политика, едната опција е тие да бидат искористени за згрижување на децата без родители и по полнолетството, а другата е да бидат претворени во работни капацитети што ќе биде извор за нивната егзистенција и професионална надградба.

Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ во Скопје функционираше од 1972 година. Тој сега е празен, зашто некои од децата без родители се сместени во згрижувачки семејства, а некои во мали групни домови.

Домот се наоѓа во централното градско подрачје, на атрактивна локација, па затоа и се наметнува прашањето дали тој објект може да се искористи за простор што ќе обезбеди понатамошна финансиска поткрепа за децата без родители кога ќе навршат 18 години, во форма на мали капацитети за развој на бизнис или за нивна едукација.
Здруженијата на граѓани што се занимаваат со оваа проблематика досега немале конкретна иницијатива за некакво искористување на овие објекти.

Од коалицијата „5 до 12“, која застапува повеќе здруженија што се залагаат за правата на лицата со хендикеп, децата без родителски статус итн., велат дека досега реагирале само за начинот на згрижување и негрижа од страна на институциите кон децата без родители што страдаат од телесни и ментални нарушувања.

– Не сме го поставиле ова прашање пред институциите. Во овој период повеќе се занимававме за начинот на деинституционализација на децата од домовите во згрижувачки семејства. Но во иднина ќе го поставиме ова прашање на дневен ред, зашто сметаме дека грижата за децата без родители не завршува со навршувањето на нивната полнолетност. Тежок период од нивниот живот е и кога ќе наполнат 18 години, зашто тогаш ќе ги напуштат семејствата, малите семејни домови, и мора да продолжат да живеат сами. Ако им се овозможи понатамошно сместување во домовите што сега остануваат празни или, пак, им се даде можност таму да им се дадат деловни простории, ќе им се реши дел од проблемот – велат од иницијативата „5 до 12“.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во партнерство со УНИЦЕФ подготвиле трансформациски планови за сите установи за социјална заштита што згрижуваат деца, при што се дадени предлози за пренамена на објектите во ресурсни центри и сервиси за развој на дневни услуги во заедницата. Оттаму додаваат дека не добиле посебна иницијатива за конкретна пренамена на објектите за домовите, како и за домот „11 Октомври“, за децата без родители што навршиле 18 години.

– Размислувањата одат во насока овие објекти да бидат искористени за развивање сет услуги, меѓу кои и услуга за поддршка на децата по напуштањето на установата, заради нивно полесно вклучување во општествениот живот – додаваат од МТСП.

Оттаму објаснуваат дека конкретно објектот на домот „11 Октомври“ планираат да го развијат во современ центар за поддршка на семејството, кој ќе ги поддржува и обучува згрижувачките семејства, биолошките семејства во ризик, семејствата со деца со попреченост и слично.

– Овој центар ќе работи на превенција од напуштање на децата, како зајакнување на семејствата што привремено ја изгубиле способноста да се грижат за своите деца, за да се обезбеди реинтеграција на семејството – велат од МТСП.

Од ресорното министерство додаваат и дека се подготвени да вложат значителни буџетски средства за реконструкција, адаптација и опремување на објектот, за да овозможи достапни услуги во заедницата и поддршка за семејствата што имаат потреба од тоа.