Опфатот на вакцинација со МРП во целата држава изнесува 98 отсто, со што исполнета е препораката на Светската здравствена организација, соопшти Министерството за здравство. Во градот Скопје изнесува 99 отсто, а во останатиот дел од државата 97 отсто.

Како што се наведува, досега вакцинирани се 35.870 лица со МРП-вакцина на возраст до 14-годишна возраст. Од нив, во Скопје се вакцинирани 16.732, додека, пак, во останатиот дел од државата се вакцинирани 19.138 лица на возраст до 14 години, кои подлежат на вакцинација.

Во Центрите за јавно здравје дополнително се аплицирани вкупно 6.189 дози на вакцина, од нив повеќе од 60% се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14-годишна возраст.

Од почетокот на епидемијата, се регистрирани 1.893 случаи со мали сипаници на територија на целата држава, што претставува најголема бројка во изминатите 20 години.

– Родителите ги послушаа препораките на Министерството за здравство и ја препознаа важноста за навремено вакцинирање на децата со МРП-вакцина. Мерките дадоа плод. Од опфат од 89 отсто пред епидемијата со морбили, сега оптфатот е над 99 отсто, а препораката на Светската здравствена организација е 95 отсто. Крајот на епидемијата од морбили ќе биде прогласен, кога двапати по 12 дена нема да има пријавено ниту еден заболен пациент со мали сипаници – велат од Министерството за здравство.

Остануваат на сила претходно препорачаните мерки и активности, кои ги преземаат Центрите за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство, ДСЗИ и вакциналните служби во пунктовите за вакцинација, со посебен акцент на вакцинација на сите осетливи лица.