Ivan Mihajlov - Bitola

Културниот центар „Иван Михајлов“ – Битола, заедно со бугарското конзуларно претставништво во Битола, ВМРО-БНД и Здружението за „Македонско-бугарско пријателство“ положија цвеќе пред споменикот на Даме Груев во Смилево, еден од основачите на Македонската револуционерна организација и водачите на Илинденското востание.

Нивната посета на Смилево, родното место на Даме Груев, е во рамките на чествувањето на Илинденското востание од страна на повеќе бугарски политички и културни организации во Бугарија и Македонија. Свечените одбележувања се организираат на 20 јули бидејќи според стариот јулијански календар на оваа дата започнува Илинденското востание во Македонија.

Еден од главните организатори, културниот центар „Иван Михајлов“, во македонската јавност остана запаметен според контроверзното писмо испратено до бугарскиот претседател Румен Радев во кое се пожалија дека Бугарите во Македонија наводно се се соочуваат со бугарофобија и стравуваат слободно да се изјаснат за нивната националност.

Писмото го поттикна претседателот Радев да ги повика првите луѓе на безбедосните служби, а по средбата во соопштението од неговиот кабинет посочија дека било разговарано да се преземат навремени мерки за соодветна заштита на правата на бугарските граѓани во странство, кога тие, наводно, се нападнати само поради нивната национална самосвест, со образложение дека имаат сигнали за чести повреди на правата на луѓето кои се идентификуваат како етнички Бугари во Македонија.

Меѓу учесниците на свечената прослава учествуваа и претставниците на бугарската партија ВМРО-БНД чиј претседател Красимир Каракачанов е познат според антимакедонската реторика.

– Не може да имаш претензии за бугарската историја, не може да не им се извиниш на оние луѓе што си ги убивал и тормозел десетици години, само затоа што биле Бугари и да ми кажеш, ама ние имаме идентитет со векови – изјави Каракачанов во една прилика.

Останува нејасно дали станува збор за искрено пријателство или нова провокација, ако се земe во предвид досегашната дејност на учесниците во настанот.