Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ако ЕУ и нејзините земји-членки не успеат да сфатат дека нивната стратегија за проширување не може да ги инспирира граѓаните од земјите на Западен Балкан, затоа што сето тоа предолго трае, затоа што е непредвидливо или зашто стана тешко да се размислува за тоа каква трансформација носат европските интеграции на ниво на граѓаните, тогаш постои поголем ризик да се зголеми имиграцијата, отколку да дојде до војна, предупреди Флоран Марсијак, политички експерт и заменик на генералниот секретар на Австриско-францускиот центар во Виена

Поделени се мислењата за тоа дали постои опасност од избивање војна на Балканот, ако се дозволи да згаснат надежите на земјите од регионот за членство во Европската Унија, на што, впрочем, предупреди и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. Зборовите на Јункер не им го привлекоа вниманието само на регионалните медиуми, туку и на светските, особено поради фактот дека повеќе високорангирани светски политичари внимателно ги избираат зборовите за да ја опишат ситуацијата на Балканот и можниот развој на настаните. Па, така, политичкиот експерт и заменик на генералниот секретар на Австриско-францускиот центар во Виена, Флоран Марсијак, смета дека изјавата на Јункер не ја отсликува ситуацијата, „барем не моменталната“, бидејќи, според него, многу поголема опасност за регионот, во моментов, претставува иселувањето отколку некаква војна.

Марсијак вели дела политичарите во Европската Унија и во регионот секогаш тежнееле да го подигнат спектарот на конфликти за да напредуваат кога е во прашање нивната позиција и обликување на политичката агенда.

– Нивните алузии на војните, кои го разделија регионот во деведесеттите години на минатиот век, ја потхрануваат перцепцијата дека на Западен Балкан постојано му е потребна заштита. Неодамнешниот предлог за размена на територии меѓу Србија и Косово по етнички линии, за да се реши билатерален спор, ја поддржува таквата перцепција. Иако потребата за безбедност на Западен Балкан е реална, ЕУ и нејзините држави-членки не би требало да ја пренагласуваат на сметка на демократската консолидација и доброто владеење – смета Марсијак.

Тој истакнува дека соработката меѓу земјите во регионот, под покровителство на Берлинскиот процес, во изминатите неколку години била интензивна и дека граѓаните на Западен Балкан силно го поддржуваат тоа. Се наведуваат податоци од студијата на Советот за регионална соработка, според која, 75 отсто од граѓаните сметаат дека регионалната соработка е корисна.

Во врска со подгревањето на стравот од војни на Западен Балкан, од страна на функционерите на ЕУ, сличен став има и професорката Билјана Ванковска, докторка по политички науки и раководителка на постдипломските студии по Мир и развој на Филозофскиот факултет при УКИМ, во Скопје.

– Она што е значајно да се истакне е постојаното поигрување со картата на стравот, која ја користат и домашните, ама и меѓународните и европските актери. Поентата е дека буквално секое прашање можете да го дефинирате како егзистенцијално и безбедносно, наместо да го решавате со политички/нормални средства и методи. Првиот процес го нарекуваме секуритизација, а второто – политизација (но сфатена во позитивна смисла на зборот, како процес на политичко и институционално решавање на проблемите). Ако зборуваме за воени закани, иако на Балканот имаме неколку „замрзнати конфликти“, опасноста е многу поголема во други региони од светот отколку тука. Мислам дека ЕУ го (зло)употребува балканското тешко минато за да изнуди одредени отстапки од државите што аспирираат за членство. Тоа не е стимулативно и дејствува контрапродуктивно – смета професорката Билјана Ванковска.

Но исто така Жан-Клод Јункер, осврнувајќи се на 2025 година, која ја поставил како целен рок за влез на Србија и на Црна Гора во ЕУ, рече дека процесот на придружување кон ЕУ би можел да потрае.

Марсијак смета дека ако Европската Унија и нејзините земји-членки не претстават стратегиски промени во рецептот за проширување, ќе биде потребно долго време за земјите од регионот да ѝ се придружат на Унијата. И тоа од две причини.
-Пристапувањето кон Европската Унија стана долготраен процес. Можеби ќе бидат потребни децении за земјите од регионот да ги исполнат критериумите од Копенхаген, ако ЕУ се придржува на својот принцип заснован на заслуги – строго, но праведно, и принципот на регата. За прифаќање на акис-от (acquis communautaire) со консултација на социјалните партнери и граѓаните, потребно е време. За консолидација на демократијата, исто така е потребно време, а економската конвергенција со ЕУ нема да се случи без план на развој, кој треба да го понуди ЕУ, а тоа се огромни инвестиции и структурални реформи – вели Флоран Марсијак.

Но францускиот политички експерт смета дека тоа не е единствениот проблем.
– Процесот на пристапување во членство стана непредвидлив. Мислам дека тоа му е во главата на Жан-Клод Јункер. Веќе не е доволно да се означи рамката и да се спроведуваат реформите. Погледнете ги Албанија и Македонија, тие земји направија огромен напредок, но Советот на Европа не им дозволи да ги отворат преговорите во 2018 година. Покрај реформите сега е потребно да се убедат земјите-членки на ЕУ. Треба да се убеди Брисел, но и Париз, Берлин, Хаг… Земјите-членки претставија механизми со кои можат да ја блокираат политиката на проширување и да управуваат со нив на различни нивоа – објаснува Марсијак.

Марсијак смета дека земјите на регионот не би смееле да се потценуваат. Според него, потребен е стратегиски одговор на овој нов предизвик, за да продолжи моментот на проширување.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Ако ЕУ и нејзините земји-членки не успеат да сфатат дека нивната стратегија на проширување не може да ги инспирира граѓаните од земјите на Западен Балкан, затоа што сето тоа предолго трае, затоа што е непредвидливо или зашто стана тешко да се размислува за тоа каква трансформација носат европските интеграции на ниво на граѓаните, тогаш постои поголем ризик да се зголеми имиграцијата, отколку да дојде до војна. Така, земјите во регионот ќе стануваат сѐ попразни. Голем број луѓе веќе ги напуштија тие земји, повеќето заминаа во правец на ЕУ, а гледаме дека миграцијата е тема на која националистичките и популистичките партии освојуваат најмногу гласови. Мојот аргумент е дека денешната неодлучност за забрзување на процесот на проширување, ќе го поттикне утрешниот национализам. Мислам дека ЕУ не е свесна дека не може да го намали своето присуство на Западен Балкан, без да ја повреди логиката што стои зад европските интеграции – размислува Марсијак.

Неговиот предлог е ЕУ да се насочи на целта за развој на регионот во кој нештата, сервисите, инвестициите и квалификуваните работници ќе можат да се движат без бариери низ Западен Балкан, привлекувајќи регионални инвестиции и напредувајќи во трговската интеграција. Според него, тоа е добра иницијатива поради бенефициите што ги носи, но и пред сѐ, поради тоа што би требало да ја поддржат сите земји од Западен Балкан за да се имплементира на вистинскиот начин.

Запознаена со актуелните состојби во Македонија (и на Западен Балкан) од „жариштето“ на случувањата, професорката Билјана Ванковска и самата ја анализира поврзаноста на повеќе општествени фактори, кои влијаат на иселувањето во регионот.
– Иселувањето/миграциите се нормална појава во глобализиран свет. Впрочем, целата историја на човештвото е историја на миграции, и тука нема ништо страшно, сѐ додека не стане збор за присилни миграции и бегалски бранови. Речиси е сигурно дека одливот на мозоци ќе продолжи, и тоа без оглед дали ќе се приближуваме кон ЕУ (или случајно влеземе) и ако останеме во статус кво ситуација, а тоа ќе биде резултат на неспособните влади, корупцијата, безнадежноста, ама и атрактивноста на општествата во кои може да се напредува во животот по пат на заслуги, а не поради партиски врски. Ако веќе зборуваме за вакви миграциски движења на Балканот, ред е да укажеме и на обратната опасност: колку што е релевантно да се зборува за иселување, толку е потребно и да се зборува за населување (на мигранти вратени од Западот или новодојдени поради отворените конфликтни жаришта и глобална сиромаштија од други делови на светот). Регионот нема да се испразни, но прашањето на човечкиот капитал е круцијално, затоа што само со квалитетни кадри, систем на заслуги, добро владеење и слично регионот може да стане пристојно место за живеење, а не депонија во преносна или во буквална смисла на зборот – оценува и предупредува професорката Ванковска.