Во првата приватна општа болница „Ре-медика“, во центарот за инвитро-фертилизација, во период од 11 години, откако постои центарот, има повеќе од 4.000 живородени бебиња

Точно пред 40 години е родено првото бебе од епрувета. Меѓународната комисија што го следи напредокот на асистираната репродукција објави дека вкупниот број на бебиња родени со вонтелесно оплодување и слични третмани денеска е поголем од осум милиони. Меѓу европските држави рекордер е Шпанија, со 119.875 живородени деца од епрувета, а по неа се Русија и Германија.

Според д-р Зоранчо Петановски, шефот на одделот за инвитро-фертилизација, во првата приватна општа болница „Ре-медика“, во центарот за инвитро-фертилизација, во период од 11 години, откако постои центарот, има повеќе од 4.000 живородени бебиња.

– Овие бројки навистина нѐ прават среќни. Оваа гранка на медицината е навистина привилегија. Затоа истовремено е и голема одговорност. Носиме на свет нов живот, им помагаме на луѓето да го осмислат својот живот. Периодот од 40 години од првото бебе од епрувета е релативно краток, но сепак оваа гранка на медицината доживеа вистинска револуција. Решавањето ситуации кај двојките што немаат деца пред тој период беше незамисливо, а сега тоа многу едноставно се решава во центрите за инвитро-фертилизација. Што се однесува до „Ре-медика“,во тек сме со сите светски трендови кога станува збор за репродукцијата, а сме и пионери во етаблирањето нови методи, како што е методот на зреење на јајце-клетки, односно ИВМ, потоа замрзнување сперма, јајце-клетки и ембриони. Нашиот центар е оформен технички и со човечки ресурси, да може да му парира на кој било предизвик, онаму каде што природата направила грешки. Нашите ембриолози посетуваат курсеви надвор од земјава и ги имаат сите потребни сертификати. Ние сме тука за нашите пациенти, може да се справиме со која било ситуација, а за тоа ги имаме сите потребни ресурси – информира д-р Петановски.

Според него, пристапот кон решавање на проблемите е секогаш тимски.
– Она што ме радува е што одредените идеи што јас како раководител ги спроведов, даваат резултати. Овде зависите од тимот. Во таа смисла уште пред неколку години формирав поширок тим. Освен гинеколозите и ембриолозите, сега имаме и уролози, кои длабоко навлегоа во решавањето на машкиот стерилитет. Во тимот имаме и радиолози, како и психолози, оти целиот процес знае да е психички напорен за жената. Исто така имаме и нутриционисти, оти со последните испитувања и последните светски студии се покажа дека дебелината кај жената носи одреден негативен импакт-фактор. Самиот процес на ИВФ е како да редите мозаик. Ако фалат парчиња, сликата нема да биде комплетна – вели д-р Петановски.

Инаку, првата бременост во светот со вештачко оплодување ја забележал тим од универзитетот „Монаш“ во Австралија, во 1973 година. Но таа биохемиска бременост траела само неколку дена. На северната хемисфера во тоа време, поточно од шеесеттите години на минатиот век, биологот од „Кембриџ“ Роберт Едвардс и гинекологот од болницата Олдхам Патрик веќе се обидувале да создадат ембрион со оплодување на јајце-клетки во лабораториски услови, надвор од телото на мајката. Малкумина верувале дека ќе успеат во намерата. Наидувале на различни оспорувања на црквата и државата, но во 1978 година успеале со помош на ИВФ-технологија да се роди првото бебе од епрувета Луиза Браун. Јавноста се прашувала дали Луиза ќе биде иста како и сите други деца, а Ватикан предупредил дека оваа случка може да има сериозни последици по човештвото. Сепак, 40 години подоцна, јасно е дека вонтелесното оплодување навистина ги променило животите на многу луѓе низ светот.