Фото: Игор Бансколиев

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски ги оцени како шпекулации информациите дека ноќеска требало да биде отстранет споменикот Воин на коњ на централниот плоштад во Скопје.

– Немаме активна постапка за отстранување друг споменик освен оној по кој беше постапено (Андон Јанев – Ќосето). Така што, шпекулации се тврдењата и бранувања во јавноста дека ќе отстрануваме некој следен споменик, изјави денеска Алаѓозовски по потпишувањето договор за донација од турската агенција ТИКА за Националниот конзерваторски центар.

Посочи дека тие одлуки ги носат трезвено и по долга анализа и дека работните групи за проектот Скопје 2014 досега имале изработено неколку елаборати.

– Во моментот кога тие ги предаваат своите елаборати во Министерството, ние понатаму сме во координација со другите надлежни институции кои произлегуваат од предлог заклучоците или од она што е напишано во елаборатите и постапуваме понатаму. Во таа смисла, понекогаш ги контактираме и Јавното обвинителство, Финансиската полиција, Специјалното јавно обвинителство, како и Општина Центар или Град Скопје доколку и тие на некој начин имаат надлежност во однос на елаборатите и се координираме – проверуваме дали се прекршени законите, дали има други прекршувања на законите. Сето тоа бара време, а понекогаш е потребно да се направат дополнителни елаборати во однос на специфична област, рече Алаѓозовски.

Елаборатот за споменикот Воин на коњ, рече дека им е пристигнат пред повеќе од два месеца и е препратен до сите надлежни институции што ги посочи, додавајќи дека понатаму ќе постапуваат инспекторите од тие органи.