Фото: Маја Јаневска-Илиева

Комуникацијата, но и пазарењето едноставно станаа полесни само со еден клик. Но така на граѓаните им се случува да нарачаат едно и при доставата да платат за тоа, а да добијат нешто сосема друго. Потоа, при комуникација со продавачите, им се ветува дека производот ќе им биде заменет, по што измамниците ги блокираат измамените и контактот засекогаш се прекинува

Разни измами демнат на социјалните мрежи. Оние вештите во компјутери, лесно ги преземаат официјалните податоци на познати брендови и на трговски центри и лажно се претставуваат во нивно име, притоа барајќи ги вашите податоци, како број на сметка и слично, за лесно да можат да ги земат вашите пари.
Ваквиот тип измами сѐ почесто се случуваат во земјава, а граѓаните лесно наседнуваат, па потоа не знаат како да ги спасат своите пари. Од разни веб-страници, но и од поединци, се продава буквално сѐ – од гардероба до разни предмети за декорација на домот, додатоци за кујна, за бања, играчки, до храна и пијалаци.

Сепак, дел од граѓаните никако да сфати дека повеќето вакви страници и профили се лажни, дека нивната единствена функција е измама, за потоа едноставно да исчезнат.
Фејсбук стана навистина огромна социјална мрежа, каде што речиси секој граѓанин има свој профил. Комуникацијата, но и пазарењето едноставно стана полесно само со еден клик. Но така на граѓаните им се случува да нарачаат едно и при доставата да платат за тоа, а да добијат нешто сосема друго. Потоа, при комуникацијата со продавачите, им се ветува дека производот ќе им биде заменет, по што измамниците ги блокираат измамените и контактот засекогаш се прекинува. Револтирани поради таквиот однос, измамените често го споделуваат искуството на социјалните мрежи за да ги предупредат другите граѓани.

– Порачав три пара панталони, добив три пара фармерки, кои, освен што не беа со бројчето што го порачав, беа и користени. Кога им пишав, ми рекоа дека сигурно настанала замена на производите при доставата. Ми рекоа дека ќе направат замена, по што ме блокираа и јас не можев ниту да им пишам, ниту пак добив замена – револтирано вели Елена, која додава дека полесно ѝ е да нарачува од Интернет, затоа што нема време да излезе и да ги посетува продавниците.

Ова не е прв ваков случај. Ги има уште многу. Посебна приказна се поединци што нудат разни производи. Тие дури ги менуваат и имињата на социјалните мрежи, за да не бидат фатени, но и за граѓаните да продолжат да купуваат од нив.

– Имаше една жена што продаваше гардероба од затворен бутик, по многу поевтини цени. Мене ми одговараше да си нарачам затоа што сум сама со мало бебе и немам можност да шетам во бутици и да купувам. Затоа порачав фустан за кој жената ми рече дека ќе го пушти по една од фирмите за достава. При преземањето, нели не смеам да го отворам производот, си платив и заминав. Кога влегов дома, тоа воопшто не беше фустан, туку искинато платно, кое очигледно на жената ѝ стоело дома. Си се „олеснив“ за 1.200 денари, а поврат на пари ниту добив, ниту пак повторно онтактирав со жената. Оттогаш повеќе не порачувам на Интернет, затоа што на секој чекор има измами – објаснува Сузана Г.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека Секторот за компјутерски криминал постапува по добиени пријави од физички и правни лица, но и по основано сомнение за сторено кривично дело, кое се гони по службена должност, предвидено и казниво во согласност со Кривичниот закон на Република Македонија.

– Имено, по утврдување елементи за сторено кривично дело т.е. по квалификација на кривично дело, конкретно во овие случаи што се наведени во барањето на членот 247, измама, или 157, повреда на авторски и сродни права, од страна на Секторот за компјутерски криминал се подготвува записник за примање пријава, случајот се документира и се известува надлежниот јавен обвинител. Понатаму се преземаат потребните мерки и активности за собирање релевантни податоци и докази за постапката, за да се открие сторителот на кривичното дело и да се поднесе соодветен поднесок против истиот тој до надлежното обвинителство – велат од МВР.

Фото: Дарко Андоновски