Фото: Дарко Андоновски

Стои нешто што е многу ирационално и многу сериозно. Затоа реков, на работ на летото има некоја многу крупна и значајна работа што се случува. Но во овој контекст, кога сѐ ќе се собере, клучниот момент е сега за обединување на сите граѓани на Македонија. Во тешки времиња треба да сме заедно. Јас лично не би охрабрувал ни револт, ни протест против никого. Ни против позиција ни против опозиција, дури ни против јужниот сосед, ни против нашите пријателите од меѓународната заедница, туку би се соочиле со ситуацијата. Мислам дека премиерот Заев и Владата, веројатно, не се многу среќни со овој договор. Но најверојатно немале избор, дека тие добиле директна задача тоа да го реализираат и тоа што поскоро, вели професорот Ферид Мухиќ

Деновиве во јавноста сѐ повеќе сме сведоци на сѐ поострите политичко-институционални антагонизми по прашањето за договорот од Нивици. Во истиот контекст сѐ повеќе се забележуваат и ангажманите на високи интелектуалци, професори и академици, кои транспарентно, преку аргументирани, рационални ставови, длабоко аналитички од научно фундирано становиште ја објаснуваат актуелната ситуација со договорот од Нивици. Притоа, тие многу педантно и систематски образложувајќи, не долеваат „масло на огинот“ во насока на разгорување на противречностите и продлабочување на поларизацијата меѓу граѓаните и општествените чинители, туку „ги отвораат сетилата и рациото на народот“ за да можат, како што велат „самите да го расчленат проблемот и повторно да го состават“, со што би добиле јасна и целосна слика за да можат за себе да си донесат целосен и прифатлив реален суд за споменатото прашање.
На пример, академик Ферид Мухиќ, од договорот од Нивици, низ една извонредно блиска до слушателот реторика, го издвојува и ставот 8 од преамбулата каде што се вели дека „повикувајќи се на нивната обврска во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право под каков било изговор и во која било форма да не се мешаат во внатрешните работи и надлежноста на другата страна“…, тој издвојува дека токму тоа е жариштето што генерира мешање во внатрешните работи во нашата земја. Споменувајќи ја нашата највисока академска и научна институција, односно МАНУ во контекст на договорот, тој вели дека Македонија ја губи оваа национална институција.

– Ние не би ги смениле самите ни името ни Уставот, ни парите ни институциите. Го спомнавте МАНУ? Доказот дека со ова е укината целата идеја, всушност со овој договор се порекнува македонскиот национален идентитет. Гледам соопштенија – има Македонија, македонско, македонски, а зошто не може Македонска академија на науките и уметностите? МАНУ е национална академија за која се грижи државата, но е – национална! Да ви објаснам… Сите академии на науките и уметностите се национални: САНУ е Српска академија на науките и уметностите, а не е академија на науки и уметности на Србија. ХАЗУ е Хрватска академија на науките и уметностите, а не академија на науките и уметностите на Хрватска. Така и кај црногорската, француската и германската… Тоа се национални културни научни институции од највисок ранг. Сега Македонија губи национална институција. Тоа е преседанот кај нас. Во овој регион досега го имаше и сега го има, но делумно само во БиХ немаше национална академија, туку има АНУБИХ Академија на науките и уметностите на Босна и Херцеговина. Сега нас нѐ деградираат на тоа ниво на кое беа деградирани граѓаните на БиХ да немаат своја национална академија. Со ова Македонија лесно се обврзува да ја укине својата национална институција. Или еве на пример, Македонски народен театар! Што пречи тука? Народен не пречи, театар не пречи. Она што пречи е македонски! Зошто? Затоа што македонски посочува кон нација! Не можеш да имаш национален театар затоа што не постои нација!? Можеш да имаш Народен театар на Република Северна Македонија и тоа не го забележувате и тоа е апсолутно експлицитен доказ дека со ова се укинува етничкиот и културниот идентитет на Македонците како нација со тоа и на сите други. Сега де факто веќе нема ни Албанци, ни Турци, ни Власи, ни Бошњаци, ни Роми со ова се само граѓани на Северна Република Македонија – истакнува во своето излагање академик Ферид Мухиќ.

Професорот Мухиќ потоа систематски се осврнува на прашањето за тежиштето и битието за носителот на идентитетот и нацијата.
– Тоа имено е класичен доказ дека нацијата Македонец етничка и досега како нација не е веќе предвидена со овој договор. Да разјаснам. Носителот на идентитетот на државата досега беше нацијата. Значи народот што се вика Македонци, живее на територијата, која, според нив, и од нив извлекува свој идентитет се вика Македонија. Со промената на името и тоа е клучот на таа промена Северна Република Македонија сега таа станува носител на идентитетот, а сите граѓани што живеат тука го извлекуваат својот идентитет од таа територија, така што веќе се сите тие граѓани на Република Северна Македонија нивниот идентитет се расточува – растворува и го извлекуваат од територијата и со тоа е постигнат тој гест на целосно негирање на нацијата. Ова треба добро да се размисли и добро да се разбере, бидејќи Македонија била земја во која живеел народ, тие се викале Македонци и затоа се вика Македонија. Сега веќе тој народ не го дава идентитетот на територијата туку територијата му го дава нему идентитетот затоа реков дека веќе нема ни Албанци, ни Турци, ни Срби, ни Бошњаци, ни Роми, ни Власи па ни Македонци. Сите сега се тие само државјани на Република Северна Македонија и тука завршува приказната, затоа се инсистира на промена на тој културен идентитет на историјата тој несфатлив и неверојатен засек низ времето со кое се откинуваме од минатото и со кое една многу плитка и евтина досетка велиме останавме без минатото, но ја добивме иднината. Со овој договор ние останавме без минатото, но ја добивме иднината. Мислам дека е толку површно и неразумно, кој може да ја добие својата иднина останувајќи без своето минато. Само човек по тешка сообраќајна несреќа во која доживеал тотална амнезија и веќе не знае ни кој е ни што е. Континуитетот историски е прекинат. Со ова ние доживуваме страшна сообраќајна историска несреќа ако треба да останеме без своето сеќавање, минато, идентитет и тоа сите ние тука што живееме. Поентата е токму во тоа, доказот дека веќе нема националност. Тука е стапицата. МАНУ е највисока научно, уметничка институција на ниво на национална институција затоа и се вика македонска. Затоа реков САНУ е Српска академија на науките и уметностите, ХАЗУ е Хрватска академија на науките и уметностите, а не академија на науките и уметностите на Србија итн. Таа е национална и се грижи за национален идентитет, култура, традиција, историја. Со тоа што сега веќе се согласувате дека не смеете да ја викате така. Работата станува јасна.

Во свој стил академик Мухиќ низ префинет хумор и иронија истакнува:
„Белки нема да ја забранат и македонска пиперка. Меѓутоа, македонска пиперка и МАНУ не се исти!“.
Сепак, академик Мухиќ поентира со една многу силна порака во која не охрабрува ниту револт ниту дезинтеграција на националното ткиво, туку напротив го издвојува моментот на обединување на сите граѓани на Македонија, во тешки времиња кога треба да сме заедно.
– Стои нешто што е многу ирационално и многу сериозно. Затоа реков, на работ на летото има некоја многу крупна и значајна работа што се случува. Но во овој контекст, кога сѐ ќе се собере, клучниот момент е сега за обединување на сите граѓани на Македонија, во тешки времиња треба да сме заедно. Јас лично не би охрабрувал ни револт, ни протест против никого, ни против позиција, ни против опозиција дури ни против јужниот сосед, ни против нашите пријатели од меѓународната заедница, туку би се соочиле со ситуацијата. Мислам дека премиерот Заев и Владата, веројатно, не се многу среќни со овој договор. Но најверојатно е дека немале избор, дека тие добиле директна задача тоа да го реализираат и тоа што поскоро.