Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, до сите општини, до градот Скопје и до Заедницата на единиците на локалната самоуправа достави писмено мислење за примената на член 38 од Законот за локалната самоуправа, којшто се однесува на свечената изјава што ја даваат новоизбраните членови на советот, на конститутивната седница.

– Секоја употреба на други зборови, освен зборовите „Република Северна Македонија“ во свечената изјава е спротивна на Уставот на Република Северна Македонија, како највисок правен акт во хиерархијата на правниот поредок – се наведува во соопштението.

Министерството за надворешни работи претходно изрази загриженост откако советниците од Левица во Штип и Аеродром потпишаа свечени изјави со називот Република Македонија, додека Левица најави дека ќе се бори за уставното име, барајќи преноси во живо од работата на општинските совети.

Штип беше првата општина во која советниците имаа поделени ставови околу користењето на новото име, па така советниците од СДСМ ја напуштија конститутивната седница, бидејќи на документите пишувало Република Македонија.