Претставници на неформалната фејсбук-група „Учебници и настава мора да има“, која повикува на бојкот на наставата, треба да ги презентираат своите барања на денешната средба со претставници на Министерството за образование и наука.

Драгана Спасевска од фејсбук-групата во изјава за МИА соопшти дека тие добиле покана за средба, на која поради обврски нема да присуствува министерката Мила Царовска. Спасевска тврди дека бојкотот на наставата е помасовен и оти имаат се поголема поддршка за нивното барање да се стопира постапката за донесување на законот за учебници.

Во барања на групата соопштени минатата среда пред МОН се повикува на организирање јавна расправа за предложениот закон, како и на непосредно учество на нивни стручни претставници во неговата ревизија и интервенции. Според незадоволните граѓани предлог-законот не ги решава постоечките проблеми во образованието, туку создава нови.