Група еколошки активисти формираа Иницијатива за забрана на пластични кеси, со цел да извршат притисок врз надлежните без одлагање да донесат законска одредба за забрана на пластичните кеси за пазарење и да воведат нови, вистински биоразградливи, според европските стандарди, а истовремено, кај потрошувачите да се поттикне создавањето навика за користење на платнени торби за повеќекратна употреба.

Забраната на дел од пластичните кеси е мерка за која сегашната Влада изрази намера да ја реализира, велат еколозите.

Забраната ќе се однесува на пластичните кеси што не се биоразградливи, додека во промет би продолжиле да се пуштаат биоразградливи пластични кеси при што нивната цена би се зголемила на 10 денари. Тоа го најави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на прес-конференција во декември 2019 година. Притоа, тој истакна и дека овие мерки, предвидени со новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување, ќе стапат на сила на 1 јануари 2021 година.

– Јануари се ближи, а овие мерки не се спроведени. Не само што новиот закон не е усвоен, туку е уште една фаза поназад, односно не е ни испратен до Собранието на усвојување. Новиот состав на Собранието веќе е конституиран, новата Влада е избрана и веќе работи. И покрај неопходните итни мерки што треба да се преземат во однос на пандемијата со ковид-19, сметаме дека е неоправдано во недоглед да се одолговлекува забраната на пластичните кеси која беше најавена за 1 јануари 2021 година – нагласуваат еколозите.

Во меѓувреме, како што тврдат активистите, количеството пластични кеси што се произведува и користи во нашата земја останува екстремно високо.

Според некои податоци, кај нас секоја година се користат половина милијарда пластични кеси. Откако еднократно ќе се искористат, тие завршуваат на депониите, каде што се горат, при што го загадуваат ионака загадениот воздух, или се фрлаат по улиците. Така, не само што ја нагрдуваат нашата околина, туку и често завршуваат во водните текови каде што го трујат живиот свет што ги консумира, мешајќи ги за храна, нарушувајќи го синџирот на исхрана што несомнено се одразува и на нашиот квалитет на живот.

Еколозите од Владата бараат во промет да се пуштаат единствено биоразградливи пластични кеси за пазарење, кои ќе ги исполнуваат еколошките стандарди.