„Инженерскиот прстен“ е признание, кое веќе 15 години ги обединува најквалитетните студентски инженерски умови, рече вчера ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, на промоцијата на монографијата „15 години инженерски прстен“. За ректорот, доделувањето на признанието е традиционална и успешна манифестација.

– Успешна е затоа што ги препознава, вреднува и наградува најдобрите студенти од инженерските струки. Станува збор за единствено признание од ваков вид во Македонија, кое секако позитивно влијае на младите инженери – рече Јанкулоски.

Според професорката д-р Христина Спасевска, претседателка на Инженерската институција на Македонија, станува збор за уникатно признание во регионот, но и многу пошироко, што овозможува преку наградување на најдобрите дипломирани студенти да се промовираат инженерството и науката како стожери за развојот на општеството.

– Истовремено, овој чин ја нагласува елитноста што треба да ги поттикне младите за професионално усовршување, насочувајќи ги кон истражувања, развој на иновативната мисла и претприемаштвото. Ова признание за младите добитници значи успех, но и голема одговорност, не само за нив, но и за нас, што го врачуваме. Ние, како две најголеми инженерски организации работиме на создавање услови за професионален развој на најдобрите млади инженери што е еден од предусловите тие да останат во својата земја, градејќи успешна кариера. Носителите на прстенот го имаат предизвикот да останат достојни на честа што им е укажана и да продолжат да бидат најдобри, да бидат пример на своите колеги, но и поттик на помладите. Дека навистина сме ги одбрале најдобрите, покажува и големиот број добитници што сега се успешни универзитетски професори и истакнати професионалци во струката и дека признанието влијаело во трасирање на нивната успешна кариера, сведочат токму нивните изјави во ова монографско издание – рече Спасевска.

За професор д-р Миле Димитровски, претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, носителите на „инженерскиот прстен“ се избираат од првите пет најдобро рангирани универзитети во Република Македонија и од факултети со високи оцени за акредитацијата. Добитниците се пример дека треба да се вложува во себе, затоа што се важно и знаењето и оценките и навременото завршување на почнатото.

Досега ова признание го добиле 150 студенти.