Фото: Игор Бансколиев

Највисокиот самостоен орган за заштита на уставноста и законитоста под опсада на дневната политика

Уставната положба му обезбедува на Уставниот суд да се дистанцира од секаков политички авторитет во вршењето на својата уставносудска функција, особено од оној што моментално е на власт и континуирано и доследно да ги врши работите од својата надлежност, независно од промените што настануваат кај непосредните носители на власта. Уставниот суд треба да е константно активен во обезбедувањето заштита на уставноста и на законитоста. Тој треба да е гарант за остварување на владеењето на правото и реален општествен фактор во остварувањето на Уставот и отстранување на арбитрарноста и произволноста во толкувањето и спроведувањето на Уставот и законите. Уставниот суд не создава право и не утврдува што е право, туку констатира што е неправо!

Уставниот суд сѐ повеќе во јавноста па и од професорската фела е предмет на опсервации и анализи, во кои се констатира дека „во практиката поприма елементи на извршен орган на оперативна дневна политика или подреден орган на законодавната и извршната власт“. Колку успева тој да се носи со предизвикот на професионално, правовремено и непристрасно одлучување и да биде отпорен на влијанија од политички или друг карактер? Овие дилеми се актуелни во домашната јавност, по редицата актуелни процеси поврзани со носење закони во парламентот, кои потоа се оспоруваат со иницијативи пред Уставен суд. Последна ваква најава е оспорувањето пред Уставниот суд за начинот на донесување на Законот за јавно обвинителство.
– Првпат сум сведок на ситуација во која законот не е изгласан и се повторува гласањето за пет минути. Секако, Уставниот суд е една институција, која мора да се изјасни по однос на оваа работа затоа што немаше јасно изразена волја и не беа постигнати бројките. Доколку постојат и други инструменти, нашиот правен тим секако дека ќе ги каже – изјави пратеникот Александар Николоски.

Голем број иницијативи пред Уставниот суд, за многу не се изјаснил

Јавноста памети голем број иницијативи за оценување на уставноста, како на Законот за употреба на јазиците, Законот за амнестија, собраниската процедура за имени во Уставот, Преспанскиот договор, одлуката за распишување референдум за договорот со Грција и редица други.
За добар дел од веќе поднесените иницијативи за оценување на уставноста на одредени одлуки и законски решенија, Уставниот суд воопшто не се изјаснил ниту пак се тие нашле на дневен ред. Зошто е тоа така, дали иницијативите се нецелосни и неиздржани, дали Уставниот суд е бавен, дали е некомпетентен и реагира на политичка дразба или прашање е нешто сосема друго.
Правните експерти во врска со ова го дадоа своето мислење, но директно повиканите од Уставниот суд, сѐ уште не.

Што велат професорите по право?

Мирјана Најчевска, професорката во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, е мошне впечатлива и ригорозна. Таа вели дека во државава во моментов немаме Уставен суд. Таа го тврди ова врз основа на анализата на дејствувањето на оваа институција во земјава долги години, при што заклучува дека Уставниот суд е само една алатка за користење на политичките партии.
– Деградирањето на оваа правна институција започна уште во времето на Бранко Црвенковски кога првпат поради политички притисоци и влијанија се започна со еден процес на избор на уставни судии, а оттогаш па наваму истата практика е продолжена од сите гарнитури на власта – вели Најчевска.

Професорката смета дека доколку сакаме во земјава да имаме Уставен суд што е отпорен на политиката треба да го смениме и начинот на кој се поставуваат и избираат судиите што седат во него.

– Јас верувам дека за уставни судии требаат да се избираат луѓе со долг стаж во судството, кои дури пожелно е да се при крај на својата кариера. На ваков начин ќе се избегне можноста да имаме нестручни судии и истовремено ќе се намали шансата луѓето да се корумпираат. Наспроти оваа моја теза, во земјава за судии во оваа институција се именуваат лица што се на почетокот од нивната кариера или во средината. Овие луѓе ако бидат притиснати од партиите имаат што да изгубат и можеби поради оваа причина тие потклекнуваат на притисоците – вели Најчевска.
Резимира и додава дека секоја институција во државата вреди онолку колку што вредат луѓето во неа, а во моментов Уставниот суд не вреди ништо.

Универзитетскиот професор Димитар Апасиев, пак, на слична тема, која се однесува на оспорувањето на Законот за употребата на јазиците, изјави дека Уставниот суд по закон е задолжен да биде чувар на Уставот, но во делот на оспорувањето на предмет поврзан со оспорувањето на уставноста на Законот за употребата на јазиците се извршиле голем број прекршувања на законот бидејќи, според него, предметот бил криен во фиока и избегнуван да се реши.

– Тоа влегува во опис на кривично дело саботажа кога на еден подмолен начин преку непреземање на службено дејство вие ќе дозволите да се нанесе голема штета на државата. Мораат да го стават на дневен ред тоа прашање не може вечно да го држат во фиока. Мислам дека тука има политички пазар да го чуваат предметот и ова со Венецијанска комисија видовме дека законот практично ја парализира државата – вели Апасиев.

Универзитетскиот професор Борче Давитковски за политичките влијанија врз Уставниот суд оценува дека како по обичај Уставниот суд многу бргу и лесно се приспособува на политичките околности во земјава.
– Моето мислење е дека некои од одлуките имаат политичка заднина, а според мене, тоа може да се види по одлуките на овој суд што се однесуваа на аболицијата и како тој сега се изјасни за неколкуте актуелни политички процеси – вели професорот.
Според сите нив, кога политиката ќе навлезе во правото, епилогот не е добар за никого ниту за граѓаните ниту за државата.

[email protected]