Фото: Игор Бансколиев

НАЦИОНАЛНИТЕ СТРАТЕГИИ НА СОСЕДИТЕ – МНОГУДЕЦЕНИСКА КОНСТАНТА (2)

Во балканскиот контекст, кога сите соседски држави што ја опкружуваат Македонија имаат свои национални стратегии во однос на македонското прашање, кои се провлекуваат и спроведуваат од 19 век, се чини дека македонската држава сѐ повеќе се повлекува (или дури и откажува) од своите стекнати права, како државноправен субјект во меѓународната политика, пред експанзионизмот на соседските стратегии, овој пат спакуван како услов (уцена) за македонската евроинтеграција

Актуелните политички предизвици што се поставуваат пред македонската држава, како последица од асиметричните билатерални (добро)соседски договори со Бугарија и со Грција, наведуваат на едно самокритично прашање: дали Македонија некогаш имала долгорочна стратегија за заштита на своите национални интереси. На тоа прашање логично се надоврзуваат уште неколку, поттикнати од тековниот процес на редефинирање на македонскиот национален идентитет, кој произлегува токму од спроведувањето на односните добрососедски договори со соседите. Ако постоела национална стратегија, зошто таа не се спроведувала? Или ако се спроведувала, зошто сме доведени во ситуација на докажување на македонскиот национален идентитет во 21 век, или барање спас од спроведувањето на одредбите на договорите со соседите, кои систематски ги дерогираат македонската државност, национален идентитет, историја, јазик?

Во балканскиот контекст, кога сите соседски држави што ја опкружуваат Македонија имаат свои национални стратегии во однос на македонското прашање, кои се провлекуваат и спроведуваат од 19 век, се чини дека македонската држава сѐ повеќе се повлекува (или дури и откажува) од своите стекнати права, како државноправен субјект во меѓународната политика, пред експанзионизмот на соседските стратегии, овој пат спакуван како услов (уцена) за македонската евроинтеграција. Речиси сите национални академии на соседните држави имаат изработено меморандуми со национални стратегии, кои се засноваат токму на загрозување на автентичното македонско постење.

Од времето на прогласување на независност од југословенската федерација, Македонија речиси триесетина години има проблеми во своето меѓународно легитимирање, од јужниот сосед Грција, а од неодамна и источниот сосед, Бугарија, повторно ги испорачува своите уцени со историјата, за нејзината поддршка на македонските евроинтеграции. Дури и да постоела македонска национална стратегија, таа е целосно дезавуирана по договорот за добрососедство со Бугарија и по Преспанскиот договор со Грција.

– За жал, никогаш не постоела македонска национална стратегија. Притоа не мислам на експанзионистичка национална стратегија, какви што имаат сите соседи во однос на Македонија, туку стратегија за зачувување и зацврстување на македонскиот национален идентитет. Националните стратегии, кои обично се појавуваат во форма на меморандум на националните академии на науки и уметности, содржат визии и проекции за развој барем за 50 години во иднината. Во актуелнава состојба, Македонија нема визија за тоа што ќе ѝ се случува по октомври, со добиен или недобиен датум за почеток на преговори со ЕУ. А како и можеме да имаме национална стратегија со академија (МАНУ), која ѝ се додворува на власта. МАНУ чека прво да слушне што ќе каже политиката, па да го каже својот став. Со таква додворувачка концепција на највисоката научна национална установа, без одредена визија, Македонија никогаш и немала национална стратегија – вели историчарот Тодор Чепреганов.

Самиот факт што МАНУ, под политичкиот притисок на Преспанскиот договор, се согласи да го смени бренд-името на својата институција, несреќно ја илустрира состојбата за непостоење македонска национална стратегија.
– Ние сме опстојувале и ќе опстоиме на принципот дека академијата не смее да се инволвира во дневнополитички настани и да „фаќа“ страна во меѓупартиските судири и дебати. Ние истапуваме со силата на фактите и аргументите, а нашиот легитимитет го црпиме од реализираните научноистражувачки и уметнички проекти. Токму на овој начин академијата се штитела и се штити од креирање етноцентрични и националистички платформи, меморандуми и сл. Тоа, за жал, им се случи на некои соседни академии и како што знаете тие, до денешни дни, тешко се ослободуваат од таквата хипотека – изјави пред две години Таки Фити, претседателот на МАНУ, во интервју за „Нова Македонија“, по повод 50-годишниот јубилеј на академијата, објаснувајќи го непостоењето национална стратегија како заштита од „креирање етноцентристички платформи“.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Навистина, уште пред интензивирањето на процесот на преговорите со Грција (кој резултира со Преспанскиот договор) МАНУ имаше објавено некаква „Промеморија во врска со спорот за името на Република Македонија“ (во 2002 година), преку која категорично се бараше неменливост на уставното име, за на крајот, пред одржувањето на референдумот за прифаќање на договорот, првите луѓе на академијата да изјават дека „еволуирале во ставовите“ и прифаќаат промена на името на државата.

– МАНУ има свои ставови за прашањето за името, уште од 1992 година, до денес, т.е. до моментот кога преговорите навлегоа во критична фаза. И тие ставови еволуираа со текот на времето. На почетокот велевме името да биде Република Македонија-Скопје… Но условите се менуваа, а ние и понатаму ги разработувавме, ги аргументиравме во дванаесетина различни обраќања, од кои некои се објавени како цели студии. Но дека еволуираа нашите погледи и сфаќања, тоа е точно – изјави пред референдумот, минатата година, претседателот на МАНУ Таки Фити.

Освен, промеморијата на МАНУ во врска со спорот за името, во архивите може да се пронајде и „предлог-државна стратегија за решавање на спорот со Република Грција во врска со името на Република Македонија“, која на 13 јануари 2009 година во Собранието ја поднел Стојан Андов, како пратеник на Либералната партија, но од денешен аспект кога во Македонија се одвива процесот на нејзино адаптирање според добрососедските договори, тој предлог личи на залуден анахронизам.

– За разлика од сите држави во соседството, Македонија никогаш немала национална стратегија, а денес е карактеристично што македонските национални интереси се расфрлаат на сите страни, без некој да трепне, или барем да се потруди да излезе со некоја спротивна концепција – вели дипломатот Ристо Никовски.