Се поставува прашањето дали еден светол датум од македонската историја како што е Илинден, всушност, беше злоупотребен за политички цели во екот на преговорите со Грција и дали некој си поигра со народот и со историјата

Илинден е светол датум за македонската држава, кој ги поврзува и сплотува сите што живеат во оваа земја. Втори август е ден кога во земјава секоја година се одбележува годишнината од Илинденското востание, односно кога во 1903 година македонскиот народ се кренал против петвековното турско ропство и ден кога се одбележува Првото заседание на АСНОМ од 1944 година, односно кога се удриле темелите на македонската современа држава. Традиционално првиот се прославува во Крушево, а вториот во кумановското село Пелинце во алтернативно изградениот меморијален центар.

Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ се значајни настани во македонската историја, кои наедно претставуваат симбол на заедништвото, сплотеноста и на вековните стремежи за своја држава – Република Македонија.
На овој светол датум политичарите испраќаат пораки до јавноста, се навраќаат на историјата, но и со погледи кон иднината.

Сепак оваа година прославувањето на Илинден се разликува од сите други претходно поради актуелните политички настани поврзани со спогодбата со Грција и со распишаниот референдумот за преименување на државата. Но пред да се случи тоа, најсветлиот датум од македонската национална историја, Илинден, беше предмет на политички калкулации или, според многумина, злоупотребен за политички цели. Во екот на преговорите со Грција за името пред јавноста беше пласиран предлог државата да се преименува во „Илинденска Македонија“, предлог што би бил ерга омнес односно за севкупна употреба и би ги одразувал историскиот континуитет и заедништвото на македонските граѓани и на државата.

Имено, во екот на преговорите со Грција, во двете земји беше истакнато дека на маса се нашло прифатливо решение за спорот во кој се употреби терминот „Република Илинденска Македонија“. Но ова предлог-решение траеше само една недела или пократко од самата Крушевска Република и, за жал, преку него, потпирајќи се на темелите на историјата поврзана со светлиот датум Илинден во еден политички спин, се овозможи влез на грчкото барање за ерга омнес употреба на новото име. Подоцна се покажа дека предлогот „Илинденска“ послужил само како евтин политички трик да се протурка грчкото барање за ерга омнес решение односно државата да се преименува во Северна Македонија, што потоа и се случи со спогодбата од Мала Преспа. Се поставува прашањето дали еден светол датум од македонската историја како што е Илинден, всушност, на овој начин беше злоупотребен за политички цели. И дали некој, всушност, си поигра со народот и со историјата.

Фото: Игор Бансколиев

Во сублимиран заклучок, познавачите на општествено-политичките случувања: историчари, дипломати и политиколози повикуваат да не се злоупотребува историјата за политички цели, укажувајќи дека на тој начин само се разгоруваат страстите и се манипулира со емоциите на граѓаните. Тие велат дека процесите поврзани со спорот за името се решаваат на поинаков начин, а не со политизирање настани и личности од македонската историја.

Професорот Тодор Чепреганов, кој беше поранешен директор на Институтот за национална историја, вели дека многу работи се случија откако беше изнесен предлогот „Илинденска Македонија“, како можно решение во преговорите со Грција (додека сѐ уште не беше потпишана спогодбата) за ново име на нашата земја, но сѐ уште не може ни самиот, а ниту во дискусија со колегите- историчари да ја открие намерата на таа идеја.

– Но сосема е јасно дека таквиот предлог воопшто не беше наменет за грчката страна, или ако навистина бил употребен со искрена намера за задоволување на грчките „критериуми“ за името на нашата држава, тогаш тоа било најлошото можно решение – вели професорот.

Историчарот смета дека Илинденското востание траеше три месеци токму во егејскиот дел од Македонија, што сега се наоѓа во Грција, па многу беше јасно дека Грците нема да го прифатат тоа.

– Можеби, идејата на преговарачите била дека ќе ја убедат грчката страна дека нашата македонска историја започнува од Илинден? Не би знаел да ги протолкувам идеите и намерите на предлогот „Илинденска Македонија“, но по сѐ што се случуваше потоа, мислата ме наведува дека тој предлог бил наменет за испитување на пулсот на домашната, македонската јавност – истакнува Чепреганов.
Според него, во овој момент можеби треба да се прашаме дали ова е последниот Илинден што Македонија го прославува самостојно?

– Зашто според договорот за добрососедство со Бугарија, заедничката македонско-бугарска историска комисија може да одлучи дека Илинден е заеднички празник и ќе треба понатаму заеднички да се прославува. А спогодбата со Грција од Мала Преспа, го отвора прашањето, за кое преговарачите сѐ уште не го даваат одговорот, дали Илинден и АСНОМ ќе останат во преамбулата на македонскиот устав. Голема е неизвесноста дали ова е и последниот Илинден за Македонија – загрижен е професор.
Политикологот Милан Стефаноски, пак, вели дека заднината на предлогот „Илинденска Македонија“ е многу подлабока отколку што јавноста разбира на оваа тема.

Имено, Стефаноски верува дека терминот „Илинденска“ бил намерно избран од оние што ги воделе преговорите бидејќи сето претставувало политичка алатка, која може на терен и во практика да истестира и да направи опсервација на сѐ она што може да пројде во јавноста, а истовремено се поврзува со спорот за името на државата.
Политикологот вели дека дополнително терминот „Илинденска“ е тенденциозно избран бидејќи е големо збор што има и историска и политичка димензија и кој во македонското општество е широко прифатен од сите етникуми што живеат во земјава, бидејќи историски во самото Илинденско востание учествувале сите народи што живеат во оваа земја и кои истовремено денеска овој историски момент го глорифицираат.
– Според мене преку овој позитивен историски чин, кој е прифатен и од Македонците и од Албанците но и од Власите, Србите и од сите народи во Македонија, на мала врата се протурка прифаќање ерга омнес име. Односно „Илинденска Македонија“, која за разлика од Северна Македонија има позитивна конотација, беше алатка за тестирање дали народите во Македонија ќе ја прифатат сеопштата употреба на името на домашно ниво, но и на надворешно поле – вели Стефаноски.

Поранешниот дипломат Ристо Никоски вели дека старо правило е дека во секој хаос има и строго контролиран ред, кој води кон целта што треба да се постигне.
– Во прашање е опасна игра, која треба да нѐ залаже. Илинден е нашиот национален мит ама никако не може и не треба да биде и име на државата и затоа власта нѐ фаќа во замка и нѐ прави недоквакани. Пораката е: ако со него може ерга омнес, зошто со друго име да не може? Мразот е скршен. А нашиве „патриоти“, кои ја распродаваат земјава, тврдат дека ја матирале Грција. Пред целиот народ, и без никакви скрупули, Заев му рече на Мицкоски дека, преку овој предлог, Грција првпат прифатила постоење македонски народ и јазик. Поголема лага, здравје. А Грција веднаш ја одби „Илинденска“ со презир и го прифати само делот за ерга омнес – пишува Никоски.
Тој истакнува дека времето ќе открие дали „Илинденска“ беше само трик да се дојде до ерга омнес, а ако е така, тие што го уништуваат македонскиот народ ќе бидат уште пожестоко казнети.

– Самиот предлог, името на државата да биде „Илинденска Македонија“ ги збуни сите освен – Грците. Ако не е во прашање свесна, дури и договорена манипулација, Коѕијас и Ципрас ги пренесоа жедни преку вода нашите преговарачи на крајно препреден, максимално професионален ама и целосно нечесен начин – поентира дипломатот.
Според него, во дипломатијата има непишано ама стриктно правило дека еднаш дадена концесија или отстапка останува на маса додека проблемот не се реши, а овој принцип ги обврзува сите, без оглед дали го знаат тоа или не.  Ј.П. А.С.