Министерството за здравство информира дека во текот на изминатава недела се регистрирани 70 нови случаи на мали сипаници што е за 17 случаи помалку во однос на претходната недела.

На Клиниката за инфективни болести се лекуваат вкупно 14 пациенти, од кои 12 возрасни и две деца. На одделот за интензивна нега продолжува лекувањето на 16-годишната пациентка со церебрална парализа и ЕPI по морбили и масивна пневмонија.

Кумулативно од почетокот на епидемијата во декември 2018, досега, во нашата држава се регистрирани 1.891 случај на мали сипаници со инциденца од 91,4 на 100.000 жители.

Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата, пак, изнесува 29.857. Од нив, 15.250 деца се вакцинирани на територија на градот Скопје, додека пак, во останатиот дел од државата вакцинирани се 14.607 деца.

– Родители ја препознаа важноста за навремено вакцинирање на децата. Не постои друга поефективна медицинска технологија што го заштитила и го унапредила човековото здравје како вакцинацијата. Таа е единствената мерка за заштита од мали сипаници – велат од МЗ.

Во извештајот на Европската Комисија се вели дека Министерството за здравство презеде чекори за контрола на ситуацијата со епидемијата, преку директна вакцинација во училиштата и детските градинки и со започнување на голема кампања за вакцинација.

– Само со стапка на вакцинација од над 95 отсто од населението, ќе обезбедиме колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширење на вирусот меѓу популацијата. Сите деца што се невакцинирани, за да се заштитат од заболувањето, треба веднаш да се вакцинираат – велат од Министерството.