Со ваквите случаи, кои го загрозуваат здравјето на граѓаните, секојдневно се занимава Агенцијата за храна и ветеринарство

Граѓаните секојдневно реагираат на социјалните мрежи затоа што во храната што ја купуваат наоѓаат различни предмети или инсекти поради несоодветно чување. Најсвеж е случајот на една скопјанка, која објави фотографии со риба ослич купена во голем и познат маркет. Откако ја испржила, забележала внатре во рибата црни дамки, кои личеле на измет од глодач или на црви. Бидејќи веќе јадела од небезбедната храна и си го загрозила здравјето, жената го пријавила случајот во надлежните институции.
Во друг случај, скопјанка на Фејсбук реагираше дека во кесичка со сончоглед, семки од тиква и соја, нашла парчиња од тула. Коментарите беа згрозувачки, со оглед на тоа дека во случајот се работеше за реномирана фирма-производител.
Граѓаните сѐ почесто ги пријавуваат ваквите случаи во Агенцијата за храна и ветеринарство и во Организацијата на потрошувачи на Македонија, што покажува дека свеста расте.

По пријавите, инспектори одат на терен, но во голем дел од случаите не наоѓаат ништо од она што граѓаните првично го пронашле. Сепак, има и случаи кога недоследноста се потврдува, по што парично се казнуваат производителите или операторите со храна.
Во Организацијата на потрошувачи информираат дека ако кај нив некој пријави ваков случај, тие го препраќаат во Агенцијата за храна и ветеринарство. Сепак, оттаму нагласуваат дека не може конкретната загадена храна да се земе на испитување, бидејќи таа е веќе контаминирана и не е веродостојна мостра.
Оттаму предупредуваат дека кога се случува да се најдат надворешни предмети во храната како пластика, стакло и слично, треба на тоа да се гледа со резерва, бидејќи е можно да се работи за местенка на некоја фирма-конкурент.
– Сепак, тоа не е случај кога граѓаните пријавуваат мувла во храна, црви или полжави. Тоа веќе покажува дека најверојатно храната не се чувала соодветно – велат во ОПМ.

Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, здравствената заштита и благосостојбата на граѓаните, потрошувачите можат да ја поднесат до Агенцијата за храна и ветеринарство и до одделението за заштита на потрошувачите во централата на агенцијата или во подрачните единици, усно, писмено и електронски на [email protected]. Претставки може да се поднесуваат и на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22. Претставката може да се поднесе и анонимно.
– Од подносителот на претставката може да се побараат дополнителни докази, или поднесената претставка до Агенцијата да се допрецизира. Доколку за претставката е надлежен друг орган, таа се доставува до него, за што се известува подносителот на претставката.
Потоа се подготвува одговор со кој се известува подносителот на претставката за тоа како е постапено. По завршувањето на целата постапка, предметите се доставуваат до одделението за заштита на потрошувачите во Агенцијата, кое врши евалуација на поднесените претставки врз основа на воспоставената база на податоци, која ја покажува перцепцијата на потрошувачите за опасностите и ризиците од храната – велат во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Пред извесно време, скопјанка купила салата од марула полна со бубачки, а друга, пак, објави фотографии на кои има бубашваби во овошен јогурт. Во некои од случаите се докажува дека се работело за несоодветно чување во маркетите, а во други, пак, самите производители потфрлуваат во процесот на производство.