Излезе седмиот број на „Дипломатски летопис“

Дипломатскиот клуб – Скопје деновиве го објави седмиот број од нивниот „Дипломатски летопис“. Во првиот дел од овој број се поместени текстови, поточно рефератите и дискусијата од нивниот проект – Конференцијата реализирана на 20 февруари 2019 година, заедно со Факултетот за безбедност од Скопје, „Перспективите на македонското членство во НАТО“.

На десеттата годишнина од основањето на Дипломатскиот клуб – Скопје, во вториот дел се одбележува јубилејот – 50- тата годишнина од оформувањето на првиот државен орган во македонската држава за следење и дејствување во однос на странски официјални субјекти – Бирото за односи со странство на Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија во 1969 година. Овој ден, 29 април, е земен и како ден на нашата дипломатија.

Од Редакцијата на Летописот потенцираат дека и овој број на списанието е уште еден нивен мал напор на читателите и на колегите-дипломати на државава да им понудат дополнителни информации, мислења и анализи за дипломатијата, надворешната политика, меѓународните односи и меѓународното право.