Фото: Маја Јаневска-Илиева

Почнаа со работа базните и мобилните станици за изработка и достава на патните исправи на државјаните на Македонија, кои што живеат и работат во странство. Со новата опрема во нашите дипломатски и конзуларни претставништва, постапката за подигнување на патни исправи е олеснета и скратена, за што сведочат и нашите државјани во Словенија, објави денеска на Фејсбук министерот за надворешни работи Бујар Османи.

За ефикасноста и олеснетата процедура за стекнување со патни исправи, што е овозможена со воспоставувањето на базните станици со изјава и амбасадорката, Сузана Зеленковска.

– Живееме во време на големи предизвици – здравствени, економски и социјални. Во таа насока нашата држава се погрижи со услугата за издавање на патните исправи во амбасадата, постапката да се олесни и скрати, и да трае од две до три недели. На тој начин се зголемува како нашата ефикасност во работењето, така и задоволството на нашите граѓани од навременото добивање на патните исправи – изјави Зеленковска.

Во август годинава Османи ги промовираше деветте базни станици и четирите мобилни станици кои се поставени во земјите каде што повеќе е концентрирана нашата дијаспора. Подобрувањето на услугите за дијаспората е еден од клучните приоритети на Министерството за надворешни работи, за чија реализација се вложуваат максимални напори, известија од министерството.