Градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски, објави дека Корејците кои вчера беа вербално нападнати во центарот на Скопје, се членови на невладина организација, кои во училиштата во Свети Николе држат предавања за ширење на мир и пријателство.

– Корејците кои вчера беа нападнати од страна на непристоен жител на Скопје, дојдоа во Свети Николе со добра мисија за ширење на мир и пријателство во основните училишта во нашиот град. Оваа е уште еден доказ до каде оди нашето општество. Срамота какви луѓе има кај нас – вели Велковски.

Тој објави дека лицата се од Сеул, Јужна Кореја и дека се дел од невладината организација „Heavenly Culture World Peace Restoration of Light (HWPL)“ која одржува работилници на тема „Мир, толеранција и меѓусебно разбирање“ со ученици од седум, осум, 12 и 13 години.

Ксенофобичен испад на сограѓанинот од Скопје кон туристите во центарот на градот го беше осуден од градоначалникот Петре Шилегов.

– Го нудам моето најдлабоко извинување во името на сите добронамерни скопјани. Во Скопје нема да толерираме вакво однесување. Ги повикувам надлежните да поведат истрага за овој инцидент бидејќи остава сериозна дамка врз угледот на градот и земјата. Драги скопјани, бидете гостопримливи, почестете ги овие туристи со насмевка и отворена душа ако ги сретнете низ градот. „Не“ на ксенофобијата и расизмот. Скопје – отворен град. Град за сите! – напиша Шилегов на Фејсбук.

На видеото кое вчера се појави на социјалните мрежи се слуша како извесно лице вербално напаѓа и навредува туристи во центарот на Скопје, обвинувајќи ги дека се заразени од коронавирусот, додека тие молчат и не реагираат на неговите провокации и обвинувања.