Идентификување на примарниот пазар, на конкурентите и, најважно од сѐ, на клиентите

Вилхелм Лапе, претприемач, консултант и ментор за стартапи,
дел од програмата на Акцелераторот УКИМ

Важно е да се разбере како вашиот производ или услуга се вклопува на пазарот, што подразбира разбирање на пазарот и откривање на конкурентите. И суштинска тема, знајте сѐ за вашите клиенти, нивните потреби и како да им пристапите, укажува Вилхелм Лапе

Акцелераторот УКИМ го објави повикот за акцелераторска програма (BAU APA2021) за поддршка на напредните стартапи и брзорастечките компании што се подготвени да го освојат глобалниот пазар. Програмата BAU APA2021 е креирана за да генерира ново знаење и да ги претвори иновативните решенија на стартапите во профитабилни бизниси. Над десет реномирани глобални експерти ќе бидат вклучени како ментори, додека секоја недела успешните стартапи ќе ги споделуваат своите приказни, успеси и неуспеси со 15-те избрани стартапи во период од осум интензивни недели.

Програмата ќе трае осум недели и ќе биде поделена на два дела. Прв дел: работилници за поддршка на развојот на 15 стартапи во октомври. Прва недела, валидација на вредноста на вашиот производ. Втора недела пазар, конкуренција и клиенти. Трета недела продажба, маркетинг и ценовна политика. Четврта недела бизнис-план и финансиски проекции. Втор дел: адаптирани менторски сесии за избраните 3-5 стартапи што покажаа најдобар потенцијал во ноември. Исто така ќе бидат организирани два демо-дена, на 3 ноември и 15 декември, што ќе му овозможи на секој стартап да ги претстави својот напредок и потенцијал пред меѓународните и локалните ментори и инвеститори.

Сè на сè, оваа програма е фантастична можност за напредните стартапи и брзорастечки компании да научат од реномирани глобални лидери за технологии и бизнис. Повеќе информации на https://accelerator.ukim.mk/APA2021. Поднесете апликација најдоцна до 12 септември. На социјалните медиуми може да ги запознаете менторите, регионалните и глобалните стартапи и можностите што ги нуди акцелераторската програма на Акцелераторот УКИМ.

Разговараме со Вилхелм Лапе, претприемач, консултант и ментор за стартапи, отворени иновации и дигитална трансформација, страстен за технологија и бизнис и вклучен од 2007 година во екосистемот за стартапи, од 2013 година со седиште во Берлин и поврзан со екосистемот во Мадрид и речиси цела Европа. Тој оваа година е дел од акцелераторската програма на Акцелераторот УКИМ.

Господин Лапе, која ќе биде вашата улога во акцелераторската програма BAU APA2021 и која беше вашата мотивација да се вклучите?
– Мојот фокус во програмата е идентификување на примарниот пазар, кои се конкурентите и, најважно од сѐ, клиентите. Важно е да се разбере како вашиот производ или услуга се вклопува на пазарот, што подразбира разбирање на пазарот и откривање на конкурентите. И суштинска тема, знајте сѐ за вашите клиенти, нивните потреби и како да им пристапите.

Зошто се важни овие акцелераторски програми и кои се бенефициите од нив за стартап-компаниите?
– Тоа е одлична можност да добиете мислење за вашиот производ или услуга од повеќе извори, повратни информации од искусните ментори и нови идеи од други проекти, сектори и земји. Вмрежувањето помеѓу сите учесници, ментори и претприемачи е секогаш релевантно, вклучувајќи и потенцијално претставување на идните клиенти што ги добивате во целиот процес.

Ве молиме да споделите со нас некои остварувања и вашите успеси од соработка со стартапи?
– Повеќето од стартапите со кои соработувам сами ги наоѓаат своите први клиенти, национални, а и меѓународни, кога го освојуваат глобалниот пазар. Јас сум убеден дека достигнувањата се токму на посветеноста на стартапите да успеат во развојот на нивниот бизнис-модел. Ние како ментори даваме само идеи за процена и причини за следење на нашите совети. Патем, некои од стартапите со кои соработував ги постигнаа следниве резултати: Senic обезбеди 210.171 евра во групно финансирање во 2019 година, Geoblink обезбеди 7,3 милиони долари во последните пет години. Dudyfit обезбеди 700.000 евра оваа година.

Кажете ни кои се трендовите сега во развиените стартап-екосистеми и како тие може да бидат корисни за екосистеми во развој, каков што е македонскиот?
– Работа од далечина и меѓународен раст. Не е важно каде сте, се работи за тоа што правите и како наоѓате начин да контактирате со вашите клиенти.

Зошто стартапите треба да бидат дел од BAU APA2021?
– Бидете дел од BAU APA2021 за да научите за критични области за вашиот бизнис, добијте нови идеи и мислења од меѓународни искуства и станете дел од мрежата на претприемачи и ментори.

Од Акцелераторот УКИМ посочуваат дека бараат посветен тим од најмалку двајца членови со иновативна идеја и глобална визија за раст, со професионално искуство до пет години, со минимум 51 отсто македонска сопственост и со дефинирана интелектуална сопственост, кои се заинтересирани за: (1) тренинг од глобални експерти, (2) искуство од успешни стартапи, (3) професионално менторство, (4) мрежа на контакти, (5) можност за инвестирање од БАУ до 100.000 евра и (6) постојана поддршка.

Програмата овозможува поврзување на стартапите со искусни ментори и успешни регионални и глобални стартапи и е подготвена во соработка со програмата Star Venture на ЕБОР, a е финансирана од Луксембург за Западен Балкан, преку Фондот за поддршка на малите бизниси на ЕБОР (EBRD Small Business Impact Fund). Други донатори се: Италија, Јапонија, Кореја, Норвешка, Шведска, Швајцарија, Тајван бизнис-фондот за техничка соработка на ЕБОР (TaiwanBusiness- EBRD Technical Cooperation Fund) и САД.

Акцелераторската програма, вклучувајќи ги и работилниците и менторските сесии, ќе се одржува онлајн (предмет на промена според тековните протоколи за ковид-19 за јавен собир).