Исламската верска заедница пет години не доставила извештај и годишна сметка до Централниот регистар.

Како што информираше Нури Бајрами од Државната комисија за спречување корупција, комисијата ќе поведе иницијатива за утврдување одговорност на директорот и на службените лица.

Антикорупциската комисија од УЈП ќе побара да достави записник за извршената финансиска контрола за работењето на ИВЗ од 2014 до 2018 година, по што ќе одлучи какви мерки ќе преземе и ќе ја извести и Владата.

ДКСК од Министерството за финансии добило информација дека ИВЗ, по основ на враќање на имот, добила обврзници во висина од 9.100.000 евра, како компензација за имот кој не може да се врати, или поконкретно се работи за над 48.000 квадратни метри земјиште и 210 квадрати станбен простор.

До Јавното обвинителство за организиран криминал е доставена пријава за злоупотребата на финансиското работење на ИВЗ во која биле приложени 116 докази.