Четириесет млади од Македонија, Кина, Азербејџан, Швајцарија, Канада, Шпанија  учествуваат на годинашната Школа на млади лидери во Струга, која според претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во изминатите девет години стана препознатлив бренд. На младите им порача да гледаат далеку, бистро и фокусирано.

– Во овие девет години станавме препознатлив бренд. Сите овие години создаваме иднина за младите, но и млади за иднината. Секоја генерација учеше од претходната, а учевме и ние од нив и затоа секоја генерација ја иновиравме и дававме теми што ги преокупираат младите – нагласи Иванов.

Годинава нагласи тој, ќе се говори за лидерство во сите сфери од секојдневниот живот кои се менуваат толку брзо што не можеме да ги следиме индивидуално.

– Посветени сме се што се случува на глобално ниво да го пренесеме на младите кои имаат желба и потреба од знаење. Вие сте дојдени тука да учите и да се усовршувате. Знаењата многу брзо застаруваат, но мудроста е вечна, оние што учат од мудрите ќе знаат секогаш да се снајдат што и да се случи – рече Иванов.

Брзите промени, како што рече, влијаат на нашето знаење и оти науката е дел од нашето секојдневие.

–  Живееме во време она што некогаш беше научна фантастика сега стана фантастична наука. Науката влезе во сите сфери. Технологиите и новите знаења се шират и секој може да дојде до нив. Оние што ги предизвикале овие промени добиле искуства кои може да се применуваат во лидерството – истакна претседателот.

Новите технологии, забележа дека доведоа до нови брзини, а со тоа до раст и развој на науките. Универзитетите треба да ги менуваат и своите програми и да се прилагодуваат на овој свет што доаѓа. Развојот на технологиите, иновациите и вештините оди многу брзо, но како што нагласи, етиката останува.

– Етиката е она што ги прави луѓето различни од роботите и вештачката интелегенција.  Вештачката интелегенција ќе може се, но етиката е нешто што не е достигната да ја сфати. Етиката не е односот кон самиот себе, туку односот кон другите – подвлече Иванов.

Поранешниот претседател на Латвија Валдис Затлерс на учесниците на Школата за млади лидери порача дека лидерството се заснова врз знаење, искуство, мудрост и креативност.  Сите млади луѓе, според него, во нашето современо општество мора да бидат подготвени да станат кога ќе паднат и да ги надминат неуспесите.

Според него, најважна е креативноста. Таа, како што нагласи е од суштинска важност за еден лидер.

– Може да копирате се што ќе ви се најде, но нема да направите нешто ново. Креативноста кај еден лидер е од суштинска важност, информацијата е знаење без искуство. Искуство е она што го добивате кога не го добивате она што го сакате. Тоа значи дека искусен станувате кога нема да успеете – рече Затлерс. 

Школата за млади лидери, како што нагласи, е одлична можност за споделување искуства и вештини за новите лидери. – Ние кои имаме искуство со помалку знаење од вас, треба да го споделиме нашето искуство со вас за да може вие да го примите – истакна Затлерс.

Учесниците ги посоветува дека  треба да применуваат уметност, сликање, музика, поезија и литература за подобурвање на креативните вештини. Преку уметноста, додаде, ја тренирате вашата креативност, фантазија, имагинација, бидејќи ниту еден ументик не може да биде успешен без да биде креативен.

– Продолжете да пишувате или почнете ако не сте почнале. Внесете ги рачно вашите белешки не треба да ги изгубите вештините да пишувате со рака. Прво ставете ги идеите на хартија. Преку пишување на вашите исксутва, успеси, неуспеси и емоции го тренирате умот како да ги изразувате вашите идеи. На тој начин ќе си помогнете да станете подобри луѓе – истакна Затлерс.

Во излагањето се задржа и на четирите човечки вредности: животот, здравјето, љубовта, семејството и децата и работата, подвлекувајќи дека доколку пристапуваат кон луѓе да размислат на овие човечки вредности пред да помислат на технологии.

Според Затлерс, државата не може да се води како компанија, за што како пример го посочи Трамп, ниту како ЦИА или КГБ, каде што се доближува Путин или пак во случајот со Ирак каде државата се води како религиозна организација. – Овие стилови имаат многу нус појави, бидејќи меѓународното општество и политиката имаат многу варијации, религиозни традиционални, етички – додаде Затлерс.

Школата за млади лидери се одржува на иницијатива на претседателот Иванов, а годинашното издание почна денеска и ќе трае до 30 август во Струга.