Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Македонија.

– Празнувањето на 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците е симбол на длабока почит што Република Македонија ја има кон сите своите граѓани. Себеидентификацијата претставува основно, загарантирано и неотповикливо човеково право кое е столбот на кој се темели нашата заедничка држава, вели Иванов во честитката.

Негувањето на културните различности и традиции, додава македонскиот претседател, е всаденo во кодот на Република Македонија.

– Принципите на меѓусебна почит, заедништво и разбирање се вредности кои сите ги споделуваме и благодарение на нив успешно градиме иднина која ја посакуваме за себе и за своите деца, вели Иванов и додава дека бошњачката заедница дава огромен културен и економски придонес во развојот на демократска, развиена и модерна Република Македонија.