Доаѓањето на новата година кај секој од нас буди нови надежи, нови очекувања и копнежи за поубава, посреќна и безгрижна иднина. Годината што измина сите сакаме што побрзо да ја заборавиме, а годината што доаѓа да биде година на остварување на сите наши желби и соништа. Ова денеска го порача претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во своето новогодишно обраќање.

-Во овие моменти кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности. Ја чувствуваме потребата да бидеме солидарни, хумани, чесни и праведни. Да се сакаме, да си простуваме и да се почитуваме. Позитивните мисли што носат ведрина во овие празнични денови, треба да не водат во текот на целата година. Но, да бидеме и доблесни да ги признаеме сопствените грешки и пропусти и да учиме од нив. Да бидеме храбри пред повикот на одговорноста и сите заедно да се посветиме и да градиме праведно општество засновано врз вистината, слободата и мирот. Само во успешна и просперитетна татковина ќе можеме да ги оствариме нашите желби – вели Иванов.

Тој во новогодишното обраќање на граѓаните на Македонија им посакува многу здравје, радост и среќа, и на секој предизвик да одговорат со мудрост и со добрина.