Поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, денес упати писмено барање до претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Биљана Ивановска, за доставување на информација за статусот на отворените предмети кои ги води ДКСК за него. Станува збор за предмет за потпишување укази за унапредување на генерали за време на изборен процес и предмет за зголемување на имотната состојба.

Иванов вели дека и за двата предмети не е преземено ништо 20 месеци и ја обвини Ивановска дека ја злоупотребува функцијата и го нарушува угледот на членовите на ДКСК. Исто така, Иванов ја обвини претседателката на Антикорупциска за неспособност и за нестручно и неодговорно работење.

Тој вели дека за предметот со потпишување на Укази за унапредување на генерали за време на изборен процес повеќе од 12 месеци нема никакво дејствие.

– Вие предметот сѐ уште не го затворате иако два надлежни суда донесоа решенија со кои вашата одлука е незаконита, поради што истата е поништена, не постои. Барам одговор зошто не е постапено согласно судското решение и зошто предметот е сѐ уште отворен и покрај тоа што сите рокови предвидени со Закон се пробиени. Дали чекате насоки за дејствување од некого, иако бевте официјално известени дека е постапено согласно надлежностите на претседателот на Република Македонија пропишани во Уставот и законите на Република Македонија – прашува Иванов во барањето до Ивановска.

Тој во барањето го споменува и предметот за неговата имотна состојба, за кој вели дека бил отворен врз основа на добиени информации од медиум.

– Поведени од вашиот личен, јавно искажан анимозитет кон мене, наместо да ја согледате реалната состојба наведена во законски рок доставениот Анкетен лист и сите пријавени промени во целиот мој десетгодишен мандат, како и доставениот Анкетен лист по завршување на мојот мандат, вие одлучивте да поведете лична медиумска кампања против мене и моето семејство од само за вас познати причини. Наместо да постапувате согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси и согласно Деловникот за работа на ДКСК вашата крајна и единствена цел беше да ја нарушите мојата чест, достоинство и углед – вели Иванов.

Тој ја прашува Ивановска зошто и по речиси 20 месеци од завршување на неговиот мандат како претседател сѐ уште нема завршница за предметот иако навремено биле доставени сите информации и податоци кои лесно биле проверливи?

– Дали се точни информациите, кои ги имам неофицијално, дека релевантни институции од кои сте барале да ја испитуваат мојата имотна состојба, навремено и професионално ви ги доставиле нивните одговори? Дали и покрај тоа, вие не сакате да донесете одлука пробивајќи ги сите законски утврдените рокови од само за вас познати причини – прашува поранешниот претседател.

Тој вели дека негов адвокат ќе бара увид во сите документи од предметот за имотната состојба кои, како што вели, Ивановска вешто ги крие, за да се утврди колку и како се пробиени законските рокови.

– Наведеново ми дава за право да се сомневам дека ја злоупотребувате вашата функција и вие лично го рушите угледот на членовите на ДКСК кои професионално и одговорно ја вршат и сакаат да ја извршуваат својата функција. Со вашата неспособност, нестручно, неодговорно и спротивно на закон и деловник работење и однесување, само нанесувате штета на професионалниот и стручен тим на Државната комисија за спречување на корупцијата. Очекувам дека на ова мое барање лично ќе ми одговорите, а не како минатиот пат, одговорот да го добијам преку партиски гласноговорник, од партиска говорница, кој неуспешно се обидуваше да ја брани вашата неспособност во вршењето на една многу одговорна функција – наведува Иванов.