Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод големиот празник раѓањето Христово – Божиќ упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, до сите верници од православна вероисповед, членовите на Светиот архијерејски синод и до преподобното свештенство и монаштво.

-На првиот Божиќ, семоќниот Бог стана човек и се изедначи со беспомошните луѓе. Господ Исус Христос се роди на маргините на општеството, во обесправено и прогонето семејство кое таа вечер немало ниту свој дом. Оттука, Божиќ е израз на Божјата солидарност со луѓето. Како дел од неговата земна мисија, Тој ги исцели болните, им помогна на сиромашните, им посвети внимание на заборавените, им даде достоинство на отфрлените, надеж на безнадежните и им понуди откупителна љубов и простување на сите. Христос ги рушеше човечките бариери што ги делеа луѓето на богати и сиромашни, слободни и неслободни, вредни и помалку вредни, создавајќи духовно променети луѓе кои го менуваат духот на општеството, се наведува во честитката.

Нам во Република Македонија, се додава во честитката, ни е неопходно обновување на духот на солидарноста и на социјалната правда,

-Затоа, кога се поздравуваме со радосните зборови – Христос се роди – да се потсетиме дека со Христос се роди и надежта за спасението на човештвото преку промената на човековото срце. Со променето срце да го празнуваме Божиќ, имајќи љубов за нашите семејства и пријатели, почит за нашите соседи и сограѓани и солидарност за сите луѓе. Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот христијански празник Ви посакувам добро здравје и духовен мир, а на сите верници им посакувам домови исполнети со мир и радост. Христос се роди! Навистина се роди, стои во честитката од претседателот Иванов.


Бадник во домот на семејството Иванови

На Бадник, во пресрет на големиот христијански празник Божиќ, денеска домот на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, го посетија децата од Центарот за едукација на македонски фолклор „МИТЕВИ“ од Скопје. Тие ја донесоа Божиќната литија и со песната „Вечниот Бог” го најавија Христовото раѓање.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, сопругата на претседателот, Маја Иванова, од името на семејството Иванови на сите православни христијани им посака да имаат благословена, тивка и света бадникова вечер.

-Една голема мудрост вели дека секој од нас има лице од кое што треба да дава насмевки. Има усна од која што треба да изговори добри зборови, да прави добри дела и очи да ги види добрите работи кај луѓето околу нас. Или, како што рекол Св. Климент, веќе не само за овие празници, туку и секој ден треба да шириме насмевки, да кажуваме добри зборови, да правиме добри дела. Да се натпреваруваме во добрина, истакна Иванова и додаде дека честитајќи го Божиќ посакува Христовата светлина да влезе во секој христијански дом и да го осветлува патот на слогата, радоста, љубовта и на успесите.

Сопругата на претседател изјави дека семејните вредности и традиции и оваа година традиционално ги отвориле вратите на нивниот дом.

Децата учесници во бадникарските поворки ја пеат песната „Вечниот Бог” и носат пригодно изработени пештери на кои е претставено Рождеството Христово и ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата која ги водела тројцата мудреци до местото каде што бил роден Исус. Со божиќната каланда (песна) „Вечниот Бог” се објавува доаѓањето на Спасителот во тело. Песната е древна, води корени уште од некогашното Римско царство, што културолошки продолжи да живее кај православните народи кои се негово духовно и цивилизациско наследство.

Иницијативата за возобновувањето на старата православна традиција да се слави Бадник со пеење на „Вечниот Бог” потекна од свештенството на МПЦ-ОА. Според Црквата, радува будењето на оваа стара православна традиција, која од година во година зафаќа се поголем број градови и повторно навлегува во нашето секојдневие.