Вистинскиот збор што му е најпотребен на нашиот регион во полето на безбедноста е партнерство што се постигнува со градење доверба заради веродостојни податоци, заеднички операции и заштита на информацијата, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, вчера, во Скопје, на отворањето на состанокот на директорите на агенциите за разузнавање од земјите-учеснички во процесот Брдо – Бриони.

– Иднината на нашиот регион е во Европската Унија. Сепак, од некои земји членки на Унијата добиваме мешани пораки за замор од проширувањето. Тој замор, меѓу другото, се должи и на перцепцијата за Балканот како периферија на Европа, како регион што е инхерентно нестабилен. Недостигот од доверба меѓу нас е совршена шанса за влијание на трети страни врз економскиот просперитет на државите, оживување на етнонационалистички проекти и спречување на интеграцијата во ЕУ и во НАТО. За да ја промениме ваквата перцепција, ние мора, наместо реактивни, да бидеме проактивни. Заканите со кои се соочуваме бараат креативност, партнерство и неконвенционално размислување – рече Иванов.

Според него, како никогаш досега за спречување на меѓународниот тероризам, илегалната миграција, транснационалниот организиран криминал, употребата на интернетот за субверзија, хибридните закани и нелинеарната војна се потребни интероперабилност на податоците, заедничко работење и меѓусебно помагање.
– Да го искористиме овој прв состанок за да пратиме јасна порака до европските центри дека ние, државите од регионот, можеме да соработуваме во оваа област од витално значење за нашите општества и за Европа. Нашите агенции за разузнавање можат заедно да нудат креативни и прагматични решенија за безбедносните предизвици со кои се соочуваме – истакна Иванов.

Како што се наведува соопштението од кабинетот на Иванов, состанокот на директорите на агенциите за разузнавање на земјите-учеснички во процесот Брдо – Бриони се одржува првпат по иницијатива на Република Македонија и на него се дискутира за безбедносната поврзаност, како сегмент на регионалната соработка. Собирот е во пресрет на состанокот на лидерите на земјите учеснички од процесот Брдо – Бриони, кој ќе се одржи на 27 април.