Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во кабинетот на претседателот никогаш не се разговарало за прогласување воена или вонредна состојба, рече шефот на државата

Шефот на државата, Ѓорге Иванов, вчера во попладневните часови излезе со вонредно обраќање до јавноста, во кое се огради од сите обвинувања и сомнежи изнесени во јавноста и во текот на актуелните судски процеси а кои се однесуваат на случувањата поврзани со минатогодишното насилство во Собранието. Тој ги повика надлежните државни институции, но и претставници на меѓународната заедница во земјава, доколку имаат какви било сознанија и информации спротивни на неговите тврдења, вклучувајќи го и наводниот план за прогласување вонредна состојба, да ги објават и да ги достават до надлежните органи.

– Во кабинетот на претседателот никогаш не се разговарало за прогласување воена или вонредна состојба – рече тој упатувајќи на уставните одредби со кои јасно се дефинира во кои случаи може да се прогласи вонредна ситуација.
Сите досегашни лажни тврдења и искази, како што рече, биле креирани како дел од константни притисоци и закани што имале за цел тој да отстапи од своите политички ставови.

– Од почетокот на мојата функција, одговорно ја претставувам државата и убеден сум дека само со чесен и транспарентен пристап ќе можеме да се спротивставиме на лагите за наводна вмешаност на мојот кабинет, на АРМ и на Агенцијата за разузнавање околу настаните на фо. Во кабинетот на претседателот на РМ никогаш не се разговарало ниту се размислувало за прогласување воена или вонредна состојба. Со тоа ги отфрлам и сите шпекулации дека меѓународната заедница вршела каков било притисок врз мене да отстапам од некаков наводен план за прогласување воена или вонредна состојба – рече Иванов.

Вистинското прашање, според него, е кому во тие моменти му одело во прилог да го злоупотреби кабинетот на претседателот на РМ и да креира лажна перцепција за прогласување воена или вонредна состојба.
Исто така, како што рече, големо прашање е и кому, во периодот кога се одбројуваат денови до официјална покана на Македонија за членство во НАТО, му одговора да ја деградира армијата.

Иванов притоа ја посочи УБК како главно жариште на креирање на сите безбедносни кризи во РМ, фактор што се дрзнува да ги следи него и неговиот кабинет и да креира извештаи за лажни настани и посочи на опасната практика на неказнивост на планирано истекување безбедносни информации и предмети од УБК.

– На крајот, констатирам дека оваа не е ништо друго освен класична хајка и линч, со очајно смислено сценарио против ме­не, мојот кабинет и на­ведените институции – заклучи Иванов.
Својот неочекуван настап Иванов го објасни како обид „да ги разобличи сите лаги, конструкции и црни сценарија со кои бевме бомбардирани во изминатиот период“.