Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска ги додели сертификатите на учесниците во програмата „Ден со македонските водечки извршни директори”, во рамки на која 13 студенти од април до август годинава имаа можност да се запознаат со работниот ден на неколку менаџери од Македонија.

Програмата се реализира за прв пат во Македонија, а меѓу менаџерите кои што ја спроведуваа обуката се Штефан Петер од ЕВН Македонија, Илина Јакимовска од „Комфи ангел”, Волфганг Марингер од „Арчелор митал”, Владимир Косијерод од „Пивара Скопје” и Аврам Стојчевски од „Ван Хол”.

Иванов, како што информираат од неговиот Кабинет, им порачал на учесниците да ги пренесат своите искуства на нивните блиски и пријатели. 

– Целта е, знаењето што го стекнавте да го примените во Република Македонија и да ги поттикнете и охрабрите другите дека во Македонија има успешни компании, кои благодарејќи на Советот за странски инвестиции ја реализираа оваа идеја, истакнал Иванов.

Програмата се реализира под покровителство на претседателот Иванов, а во организација на Советот на странски инвеститори од Стопанската комора на Македонија. 

Задоволство од реализацијата на програмата изразил и претседателот на Советот на странски инвеститори во Македонија, Штефан Петер, кој се заблагодарил на претседателот Иванов за поддршката и им порачал на учесниците дека е најважно да имаат идеја и да опстојуваат на нејзино остварување. 

Девора Велинов, една од учесничките во програмата, оценила дека искуството коешто го стекнале на средбите со менаџери е многу значајно и дека секој менаџер ги научил и им пренел некоја различна лекција. 

Во програмата учествуваа 13 студенти од додипломски, постдипломски и докторски студии од правните и економските науки, бизнис администраци, електротехника и информациски технологии, електроенергетика и архитектура. Студентите имаа можност да се запознаат со работниот ден на менаџерите, да навлезат во процесите на водењето на една компанија и да се стекнат со знаења, практични искуства и вештини во насока на развој на нивниот претприемачкиот дух.