Во првиот град на Вардар – Гостивар, горнополошките и долнореканските села, и летово сѐ е во знакот на печалбарите, кои годишните одмори ги минуваат со најблиските во родните места. Точниот број на лицата што се дојдени летово од западноевропските држави Америка и Австралија не се знае, бидејќи никој официјално не води ваква статистика. Но, според слободна процена, се движи околу 5.000 лица, ако во просек секој од нив за двонеделен или, пак, тринеделен престој потроши по 1.000 евра, тоа значи дека имаат донесено над 5.000.000 евра. Добрите познавачи на овие состојби сметаат дека овој износ е неколкупати повисок, но тешко може точно да се пресмета.

Печалбарството кај населението од западниот дел на Македонија е присутно со векови. На печалба останувале по неколку години без да дојдат во своите краеви, а и комуникацијата со писма и со абери по познати траела со месеци.
Современото, може да се каже и организирано, печалбарство преку заводите за вработување започна кон крајот на 60-тите и на почетокот на 70-тите години на минатиот век. Претежно на привремена работа во западноевропските држави заминуваа сиромашните слоеви на населението од Македонија, за да спечалат пари да ја надминат сиромаштијата, да се вратат во родниот крај и да го продолжат животот. Но, наместо на привремена работа, останаа постојано да живеат таму, се пензионираа и на многумина од нив таму им се и вечните почивалишта. Но голем дел нашинци по пензионирањето се враќаат во родните места, каде што го продолжуваат животот. Таква е судбината и на современите печалбари. Но нивните поколенија, децата и внуците родени во местата каде што создале нови домови, како што минуваат годините, создаваат сопствени домови и сѐ помалку ги интересира и ги привлекува родното место на родителите, на дедовските корени.

– Убав живот минав во Германија, во мало гратче близу Франкфурт, се пензионирав и не можев да останам, со сопругата се вратив во родното село Чегране. До минатата година со убедување ќе ги принудев да дојдат. Годинава дојдоа два-три дена да направат чест на свадбата на братучедот и си заминаа на одмор во Шпанија – со тага во душата ми зборуваше Асан, не за вториот дом, туку за децата што не сакаат да доаѓаат во неговото родно место.

Втората и третата генерација македонски печалбари во западноевропските држави и во САД и Австралија ги забораваат татковите огништа, сѐ помалку ќе доаѓаат. Годинава ова беше најизразито во споредба со претходните лета.

– Не треба да се чудиме, тоа се нови процеси, кои треба да се прифатат како реалност и никој не може да ги смени овие текови. Ако до пред некоја година гласот на родителите бил одлучувачки, повеќе не е така, секој одлучува сам и си го прави планот за живеење и за одмор. Децата на македонските печалбари родени во странство не се чувствуваат како печалбари, туку како граѓани на тие држави и ја немаат носталгијата по родните места на родителите. Сѐ повеќе од нив годишните одмори ги минуваат во монденските одморалишта во Шпанија, Турција, Франција, на Јадранско Море и други туристички дестинации. Во родното место на родителите доаѓаат по два-три дена да се видат со родителите, односно со најблиската рода и си заминуваат – велат нашите соговорници.

Летово Гостивар, во споредба со другите месеци на годината, живее видоизменето. Од попладневните часови, па до пред изгрејсонце наредниот ден животот се одвива турбо. Врвулица луѓе од сите возрасти, од бебиња во колички до лица што ги минале седумдесеттите години од животот. Централните улици на градот се блокирани, возилата се движат како желки и со застој. Уличната инфраструктура е претесна да одговори на зголемениот број од неколку илјади возила летово на нашите сонародници дојдени од странство.

Гурбетчиите им донесоа пари, радост и веселба на најблиските роднини и пријатели, како и на сите што се сопственици или, пак, вработени во угостителството, трговијата, занаетчиството, на музичарите, тапанарите и зурлаџиите – сѐ им е подредено ним. Сите ги тријат рацете и посакуваат овој тренд да потрае подолго, а не само два месеца.

Традицијата продолжува печалбарите да доаѓаат во јули и август, да ги направат веселбите, да бидат заедно со блиските, да ги поправат куќите, да го обноват мебелот, да го прошират и реконструираат просторот за живеење. Но во споредба со претходните години, како што ни говореа неколкумина угостители и трговци, се чувствува дека се намалува доаѓањето на гурбетчиите.

Печалбарите го раздвижија бизнисот во горнополошкиот регион. Но угостителите не се многу задоволни, бидејќи секоја година бројот на гостите поканети на свадбената веселба се намалува. Ако пред некоја година салите беа преполни и до 800 гости, летово бројот двојно и повеќе е намален. И не само тоа, организаторите се одлучуваат за мени со поскромна цена, која се движи меѓу 10 и 20 евра. Гурбетчиите не се дарежливи како порано, се жалат дека и таму има економска криза. Па, поради тоа некои од нив веселбите ги организираат во куќните дворови, храната ја приготвуваат во казани или, пак, ја нарачуваат од фирмите за кетеринг. Гламурот што беше присутен на свадбите во минатите години, летово го задржуваат побогатите. Најголем трошок за свадбата е златото што свекорот ѝ го дарува на невестата. Нашите соговорници ни велат дека за оваа ставка се вложуваат најмалку 10.000 евра, а богатите златниот дар ги чини и до 20.000 евра. Сиромашните, пак, изнајмуваат златен накит од златарниците за да ја направат свадбата, потоа го враќаат и плаќаат минимален износ за користењето. Свадбарските веселби му даваат посебен шарм на секојдневието. На звуците на музиката не се веселат само свадбарите туку и соседите и околината, бидејќи се слуша во поширок опсег. Но црна дамка остава прекумерното пукање со огнено оружје со пиштоли, пушки и калашњикови, има доста повредни лица, а и оштетени автомобили, прозорци и ќерамиди на куќи. Апелите од полицијата да не се употребува огнено оружје не дадоа плод. Но, затоа неколкумина беа откриени, против нив се поднесени соодветни поднесоци и ќе се соочат со парични и затворски казни.