Фото: Маја Јаневска-Илиева

Блаже Миневски

Може ли христијаните еден ден да се договорат главните христијански празници Божиќ и Велигден да ги слават во ист ден во целиот свет? Пред две години на островот Крит беше одржан Собор на православните цркви, на кој присуствуваа над 800 официјални учесници и претставници на христијанските цркви, теолози, државни претставници и новинари. Тоа беше Собор на Православната црква, кој се одржа по цели 1.229 години, иако во меѓувреме биле одржувани и други собори, кои сè уште не се прогласени за вселенски собори. Меѓу темите за кои се разговараше на Соборот беше и темата за „односот на православните цркви со преостанатиот свет“, што многумина го протолкуваа и како можност конечно да се најде решение за заедничко празнување на сите христијани во светот на најголемите христијански празници – Раѓањето и Воскресението Христово. Сепак, до таква одлука и решение, за жал, не дојде.

Крај за „двокалендарската какофонија“?

Зошто христијаните слават два Велигдена? Зошто за едни Христос воскреснал порано, а за други подоцна? Единствениот одговор на овие прашање е затоа што едните денот на воскреснувањето го одредуваат според јулијанскиот, а другите според грегоријанскиот календар. А како, всушност, почнале ваквите недоразбирања? Јулијанскиот календар е постар календар, го вовел Гај Јулиј Цезар и се користел во цела Европа до 16 век, кога се прифатил грегоријанскиот календар. Имено, на првиот екуменски собир во Ница во 325 година, Христијанската црква го прифатила јулијанскиот календар како основен календар, и овој календар до денес го користат само уште Руската, Антиохиската, Грузиската, Српската и Македонската православна црква, ерусалимскиот патријарх и некои манастири на Света Гора во Грција. Другиот календар, поновиот, грегоријанскиот, го добил името по папата Грегориус и денес е важечки календар речиси во сите краишта во светот.

По совет на германскиот астроном Кристофер Клавиус и неаполскиот физичар и астроном Алојусиус Лилиус, папата Гргур Тринаесетти на 24 февруари 1582 година објавил реформа на дотогашниот јулијански календар. Според одредбите на Папската була, од календарот биле исклучени 10 дена, така што по четвртокот на 4 октомври 1582 година следувал петок 15 октомври, а со тоа и Велигден оттогаш почнал да се смета по ново, односно по новиот календар. Денес разликата меѓу јулијанскиот и грегоријанскиот календар изнесува 13 дена, а по 2100 година ќе се зголеми на 14 дена. Кога папата Гргур во 1582 година го вовел новиот календар, веднаш го прифатиле Полска, Португалија и Шпанија, а набргу и преостанатите католички земји. Протестантските земји го прифатиле грегоријанскиот календар многу подоцна, а православните дури во 20 век, иако некои од нив за Божиќ и Велигден уште се водат по стариот, јулијански календар.

Според Милош Линдро, писател и публицист, кој, меѓу другото, ги истражува и мистичните области на цивилизациите, православните христијани заборавиле дека не може да очекуваат Бог да се приспособува според нивниот и, за жал, како што вели тој, сѐ уште и наш православно-ватикански ракотворен календар, туку, обратно, треба да се раководат според божјиот, небесен и неракотворен закон.

„Сите треба да знаат дека за наша среќа, која е среќа и на сите луѓе, од сите вери, како и на сите божји созданија на Земјата, големите небесни светила никогаш нема да погледнат во ’православно-староватиканските’ календари за да си го променат својот божествен ритам на движење. За нашата, македонска, двокалендарска ’шизофренија’, односно употребата на грегоријанскиот календар ’за по дома’ и во државните институции и, истовремено, употреба на јулијанскиот календар ’за во црква’“, и досега повеќепати е зборувано. За овој проблем, од различни позиции и мотиви, се разбира, пишувале многумина, но во основа сето тоа се сведува на неколку поенти. Според него, пресметките на Велигден, и во католичкиот, и во протестантскиот, и во православниот календар, се раководат од едно исто правило. Овие пресметки се нарекуваат пасхалии. Денес доминираат две основни пасхалии: Александриската и Грегоријанската. За да биде појасно за обичните верници, како што се вели, правилото по кое се пресметуваат датумите на Велигден во наведените три најмногубројни цркви гласи: „Велигден се празнува во првиот неделен ден, по пролетната рамноденица, по пролетната полна месечина, односно полнолуние“. Ова ’полнолуние’ е првата полна месечина по денот на пролетната рамноденица, односно еквиноциумот. Е, сега, доколку е така, не само што може врз основа на емпириските факти, односно набљудување на Сонцето и на Месечината, секоја година да се утврдува која е таа недела, денот во седмицата, во која се случува Воскресението Христово, туку може и години однапред да се пресмета на кој датум ќе биде таа недела, неделата на Воскресението. Сето тоа резултирало со правење различни видови, точни и неточни, пасхални таблици во кои е пресметан денот Велигден за пет, десет па и повеќе години однапред. Првите општоприфатени пасхални таблици биле составени од монахот Дионисиј Малиот, по потекло Словен, кој бил поканет од папата Јован Први да ја заврши работата околу точното пресметување на датумот на Велигден, така што денот на смртта и воскресението на Исус Христос да се сообрази со промените на месечината, и на тој начин секогаш да се одбележуваат по еврејската пасха. За таа цел монахот Дионисиј го применил 19-годишниот александриски лунарен циклус, па до 1582 година западната и источните цркви го празнувале Велигден во еден ист ден.

Минимални астрономски знаења за точна пресметка на Велигден!

Реалниот проблем околу несовпаѓањето на католичко-протестантскиот со православниот датум на Велигден се појавува во 1582 година. Истиот проблем, уште поочигледен, се јавува и во врска со неподвижните празници, од кои најголем е Божиќ, односно Рождеството Христово. А проблемот е многу поедноставен отколку што обично се мисли, смета Линдро, и тој „проблем“, за жал, е токму кај таканаречените „православци“.

„Ако го одбележуваме денот на реалното, историско Христово раѓање, тогаш тоа треба да е еден ист датум за сите и во таков случај не се нужни никакви ’пасхални таблици’.

Искривената ’православна’ идолатрија, која се раководи од неточниот и отфрлен ватикански календар, кој се нарекува јулијански, го прави православието трагикомично во очите на секој рационален човек со минимални знаења од астрономија. Зошто велиме дека јулијанскиот, поточно отфрлениот ватикански календар е неточен календар? Затоа што за некои настани за кои било запишано дека се случиле во далечното минато на 22 декември, дополнителната информација била дека тој ден бил ’најкраткиот во годината’. За други, пак, за кои се знаело дека се случиле на 21 март, се додавало дека на тој датум ’денот бил еднаков со ноќта’. Дали се запазени тие два услова во двата случаи до денес? Во грегоријанскиот – да! Во јулијанскиот – не! Можеби ќе речете дека бројките се бројки и датумите се датуми, но важни се сончевите и месечевите циклуси. Да бидеме на јасно: овде не се инсистира на датумите во декември или март, или некои други, туку на четирите кардинални точки врз кругот на сончевата година: двата солстициума и двете рамноденици, кои се цврсти показатели за правилна ориентација во времето. Зошто се битни за правилна ориентација во времето? Затоа што произлегуваат од астрономијата. Ако Божиќ се дефинира како ’третиот ден по зимскиот солстициум’, тогаш зошто според денешните ’православци’ тој треба да се празнува 13 дена подоцна? Папагалскиот одговор на ’официјалните православци’ е затоа што 25 декември од ’правилниот’ календар паѓа на 7 јануари од ’неправилниот’!? Ќе се согласите дека тоа сепак е една навистина смешна логика! Имено, овие самоумислени ’службени верници’, опиени од догмата, всушност го загубиле зимскиот солстициум, кој, по божја, небесна повелба, сѐ уште е на 22 декември, како што бил и пред 2.000 години, а не на 4 јануари по новиот, поправен календар, односно на некаков 22 декември според јулијанскиот стар, таканаречен православен стил“, смета Линдро.

Според денешната астрономска реалност, „јулијанскиот 25 декември“ не е три дена по зимското сонцестоење, или солстициум, туку „цели 16 дена“ по оваа најниска точка на сончевата патека на небото. Православците од неколку земји, меѓу кои и најголем дел од Македонците, сѐ уште се спротивставуваат на божјиот, небесен закон, па за нив не е важно небото туку „православните“ неточни догми и хартии.

„Разликите околу датумите на празниците во однос на реалноста на небото во католичкиот Запад биле забележани на средината на 16 век. По неколку години размислување и пресметки, со царски рез биле исфрлени 10 дена од календарот на Јулиј Цезар. Се разбира, на тоа му претходела работа на опитни и совесни астрономи.

Веднаш потоа, на 4 октомври 1582 година, на грегоријански календар минале Италија, Шпанија, Португалија и Полска, на 9 декември 1582 овој календар го прифатила Франција, а на 14 декември кнежеството Луксембург и црквите на територијата на Фландрија и Валонија, односно денешна Белгија. Во поголемиот дел од Холандија поправениот календар бил прифатен на 14 декември 1584 година, а во преостанатите претежно протестантски делови на 30 ноември 1700 година. Австрија тоа го сторила постапно на целата територија, од петти октомври до 14 јануари 1583, а во Германија католиците го прифатиле во периодот од 1583 до1585 година. Прусија го вовела на 22 август 1610, но германските протестанти се двоумеле цели 118 години, поправениот календар го вовеле дури на 18 февруари 1700 год. Идентично било и во Швајцарија, со исклучок на областа Сент-Гален, на која ѝ биле потребни цели 142 години размислување, но, сепак, во 1724 година конечно им светнало дека небото е поточно од нивните хартиени пресметки. Истиот календар во Чешка почнал да се применува од јануари 1584, во Унгарија од 21 октомври 1587, во Данска од 18 февруари 1700 итн.
Британците се колебале најдолго околу замената на неточниот со точен календар, па грегоријанскиот календар го вовеле дури на 2 септември 1752 година, вклучувајќи и за територијата на САД. Иако се колебале цели 170 години, на крајот сепак ја прифатиле единствената вистинска пресметка на времето. Следната година и црковните бирократии во Шведска и Финска капитулирале пред астрономијата. Сѐ уште, како по обичај, најдолго се „мислиме“ ние, луѓето од Истокот.

„На нашиот ’православен’ Исток му биле потребни дури 334 години, кога пристигнуваат католички и протестантски армии на Балканот, за тој да се затресе и разбуди. Прва се разбудила Бугарија на 18 март 1916, па Русија на 31 јануари 1918, па Романија на 31 март 1919, Грција на 9 март 1924, Турција на 18 декември 1926 и на крајот Кралството Југославија во 1929 година. Сепак, точниот, реформиран календар во балканските држави и во Русија бил воведен само во администрацијата и во секојдневниот живот, но православните цркви продолжиле да функционираат според правилата на својот догматски инает. Во Грчката, Бугарската и Романската црква сепак преовладал разумот, разбрале дека небото е посилно од земните навики, па една или две децении по поправањето на световниот календар ги поправиле и своите црковни календари. Од друга страна, архијереите во Руската, Српската и Македонската цркви до ден-денес се непоправливи, и нивните календари, за жал, остануваат непоправени! Оттука, сѐ уште, за голем срам, црковните календари им се ’староватикански’, односно ’јулијански’. Во секој случај, нашиот црковен календар наместо да го слави Словото божје – Божјиот закон на небото, всушност му се спротивставува на Бога, односно Велигден го празнува на погрешен дата“, подвлекува Милош Линдро, еден од многуте македонски интелектуалци што сметаат дека веднаш, без никакво одложување, треба да го замениме јулијанскиот со грегоријанскиот календар за да станеме дел од „нормалниот“ христијански свет.