Непосреден повод за овој текст е последната, четврта по ред, одлука за постоење на вонредна состојба, донесена од претседателот Пендаровски.
Според Уставот, одлуката со која се утврдува постоење на вонредна состојба ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Според Уставот, таква одлука може да донесе претседателот на Републиката само доколку Собранието не може да се состане, но претседателот е должен да му ја поднесе на Собранието на потврдување, штом Собранието ќе биде во можност да се состане. Ова овластување за претседателот да дејствува брзо со одлука штом ќе настанат големи природни непогоди или епидемии (пандемии) подразбира физичка неможност за пратениците веднаш да се состанат, а не и ситуација да нема собрание. И како е можно да нема собрание, и тоа во услови на епидемија, која, очигледно, ќе трае подолго.

Се смета дека немаме собрание поради Одлуката за распуштање на Собранието, донесена од пратениците на 16 февруари 2020 година, а заради одржување предвремени избори за пратеници во Собранието. Се искажаа различни ставови и толкувања на таа одлука во врска со мандатот на пратениците, па, според едни, со (само)распуштањето пратениците го вратиле мандатот, па веќе вратен мандат не може да продолжи ни во вонредна состојба, а, според други, во вонредна состојба мандатот, според Уставот, може да се продолжи. Дека пратениците во Собранието што се распуштило немаат повеќе мандат смета и претседателот на распуштеното собрание, поради што не закажува седница, иако тоа го бараа повеќе пратеници (несфатливо е: Собрание нема, а има претседател на тоа собрание).

И така, во отсуство на законодавната власт, вонредната состојба продолжува, претседателот Пендаровски по истекот на секои 30 дена носи нова одлука, и веќе е четвртата по ред, и ако нема уставна основа за тоа, а Владата носи уредби со законска сила, бидејќи и законодавната власт е во нејзини раце.

Според Уставот, кога Собранието донело одлука за распуштање, изборите за пратеници се одржуваат во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Уставот не зборува за враќање на мандатите, но (само)распуштањето на Собранието може да се сфати како враќање на мандатите, но исто така може да се сфати и како неодржување седници за време од тие 60 дена, имајќи предвид дека, според Уставот, Собранието е во постојано заседание. Значи, уставната одредба дава основа за различните ставови и толкувања за правните последици од Одлуката за распуштање на Собранието, но тие требаше да останат во рамки на дебатите што се водат во врска со тоа прашање, а не да доведат до отстранување на Собранието од функционирање.
Како што наведов, постојат различни толкувања и ставови во врска со правните последици од Одлуката за распуштање на Собранието, но го сметам за неоспорен фактот дека токму таа одлука за распуштање на Собранието во дадената ситуација, во услови на вонредна состојба, сериозно ги доведува во прашање темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Меѓу темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, утврдени во членот 8 на Уставот, е ПОДЕЛБАТА НА ДРЖАВНАТА ВЛАСТ НА ЗАКОНОДАВНА, ИЗВРШНА И СУДСКА. Слободно може да се заклучи дека поради таа одлука, која е сѐ уште во правна сила, Собранието, како носител на законодавната власт, не може да функционира, а вонредната состојба го попречува одржувањето избори за ново собрание. Значи, во правниот поредок постои одлука што сериозно ги нарушува темелните вредности на уставниот поредок, а Уставниот суд не наоѓа за потребно да ја отстрани таа одлука и да воспостави состојба на уставност. Ова, затоа што само Уставниот суд има неприкосновена надлежност за оценување на уставноста и законитоста и само тој може, од гледиште на уставноста, да укине или поништи.

Уставниот суд ја имаше во разгледување Одлуката за распуштање на Собранието, но со решение донесено речиси истовремено со второто прогласување вонредна состојба од претседателот Пендаровски, не поведе постапка, со образложение дека за таа одлука има уставна основа, бидејќи уставотворецот им дал право на пратениците да се изјаснат по прашањето за распуштање на Собранието, под услов за тоа да се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници, а за оваа одлука се изјасниле мнозинството пратеници, како што бара Уставот. Во образложението на одлуката на Уставниот суд стои и тоа дека од аспект на последиците што настанале или може да настанат по нејзиното донесување, а по прогласената вонредна состојба, Уставниот суд не може да ја разгледува и оценува одлуката.

Како што веќе наведов, Уставниот суд оваа одлука ја донесе речиси по истекот на првите 30 дена од првото прогласувањето на вонредната состојба од претседателот и речиси истовремено со второто прогласување на вонредната состојба и не се загрижи за повредите на Уставот, кои се нижеа поради фактот што Собранието не ја остваруваше својата надлежност. Првата одлука за прогласување вонредна состојба од претседателот, ако мораше да се прифати во почеток, за да остане во сила, требаше да биде поднесена на потврдување на Собранието, и тоа во рамките на определените во Уставот 30 дена. Нема уставна основа претседателот да носи нови одлуки, а тој веќе ја донесе и четвртата одлука. Според Уставот, Собранието одлучува кога завршува вонредната состојба, а не претседателот. Но кршењето на Уставот очигледно стана навика.

Оваа состојба на кршење на Уставот може да ја реши само Уставниот суд, како единствен надлежен орган на Републиката за заштита на уставноста и законитоста. Затоа, кога на 7 мај 2020 година Уставниот суд повторно се наврати на разгледување на Одлуката, очекував дека овој пат ќе бидат согледани последиците што оваа Одлука ги предизвикува врз темелните вредности на уставниот поредок. Но и овој пат Уставниот суд не интервенираше, иако судиите мораа да знаат дека само Уставниот суд е тој што во дадената ситуација може да ги заштити темелните вредности на уставниот поредок.

Во држава што има уставен суд, се очекува судиите со своето професионално знаење и високи стандарди во заштитата на уставноста и законитоста да ги обезбедат најважните општествени вредности утврдени во Уставот како темелни вредности на уставниот поредок. Оттука, неприфатливо е Уставниот суд да остави во сила, односно да не поништи или укине одлука што сериозно ги доведува во прашање темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.Тоа што таа одлука има уставна основа и што биле исполнети предвидените услови за нејзино донесување, не може да биде оправдување и причина таа одлука да се стави над заштитата на темелните вредности на уставниот поредок. Заштита на темелните вредности на уставниот поредок пред сѐ, а во нивни рамки и владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. За жал, таа заштита изостана.

Милојка Калкашлиева,
судија на Врховниот суд во пензија