Фото: Игор Бансколиев

Ако се спореди бројот на објавени научни трудови во списанија со фактор на влијание можеме да видиме дека дури и Танзанија има повеќе објавени квалитетни трудови од Македонија

Во една телевизиска емисија, што неодамна се емитуваше, покрај другите учествуваше и проректорот на УКИМ, проф. д-р Владимир Петрушевски. во таа околност, водителот го потсети д-р Петрушевски за една негова поранешна изјава во врска со квалитетот во високото образование, и го праша дали и сега го мисли истото тоа. Наводната изјава на професорот Петрушевски, гласи: „Квалитетот на високото образование паѓа, но немам докази за тоа“. Изјавава ја наведов по сеќавање. Учесниците во дискусијата на темата се сложија дека квалитетот во високото образование зависи од повеќе фактори помеѓу кои и од квалитетот на професорите, како еден од најважните фактори. Друг фактор, на пример, е квалитетот на студентите, кој од година на година е сѐ послаб.

Иако во последниве десет години, законот за високо образование се менувал секои шест месеци за да се подобри квалитетот во високото образование, квалитетот се смалувал сѐ повеќе и повеќе. Моето мислење е дека квалитетот во високото образование не само што континуирано паѓал последниве десетина години, туку тој продолжува да паѓа. За тоа ќе наведам и аргументи, односно докази, да се изразам со терминологијата на проректорот Петрушевски.

Еден аргумент ќе најдеме во реакциите на кандидатите на рефератите за избор на ново лице или реизбор на веќе постојни лица. Последниве десетина години се пишувани скандалозни реферати со кои квалитетни кандидати се одбиваат. Такви рецензии има повеќе. Во една рецензија за прием на помлад асистент на УКИМ, одговарајќи на приговор на еден кандидат незадоволен од рефератот (кандидатот тврдел дека има поквалитетни трудови од предложениот кандидат, а и дека е подобар и по другите критериуми), рецензентите одговориле дека квалитетот на трудовите не е земен предвид при оценувањето на кандидатите затоа што во конкурсот за прием на асистент не било наведено дека се потребни квалитетни трудови. Така, наместо да предложат еден од квалитетните кандидати, рецензентите предложиле друг кандидат.
Рецензентите што ја пишувале оваа рецензија биле наивни, па ги кажале вистинските причини заради кои е примен кандидатот, зашто мислеле дека зад кандидатот стои толку моќно лице што никој, никогаш нема да се осмели да го оспори нивниот предлог.

(Патем, оваа реакција на кандидатот беше веднаш обнародена во соодветниот билтен на УКИМ и наиде на општо негодување кај академската јавност). Други рецензенти се обидуваат да дадат некакви, макар и формални академски аргументи за да го оправдаат предлогот. Така, во една рецензија на Медицинскиот факултет, како одговор на приговор на еден од кандидатите, рецензентите напишале: „Кандидатот навистина има евидентни научни резултати во науката, но деканот ни даде право да ги менуваме бодовите претходно дадени и ние го искористивме тоа право“. Значи, бодовите, претходно дадени, се промениле не според правилник, туку по нарачка. За изборот и реизборот на наставници на Правен факултет, повеќе пати е пишувано. Од помлад асистент, еден ден ќе биде редовен професор.

Во билтените на УКИМ има реферати од кои може да се види дека лица се предлагани „затоа што квалитетот не е земен предвид“ или, пак, „затоа што лицето документите ги предало документите на време“ (како другите лица да не ги предале документите на време!). Има случаи трудови индексирани во Веб оф сајанс (Web of Science), (поранешен ССЦИ) да бидат вреднувани ниско, а трудови објавени во весници високо. Сакам да истакнам дека извесен број на незадоволни лица не поднеле приговор на рефератот од страв да не бидат ставени на црниот список и потоа да имаат и други штетни последици. Според тоа, последниве десетина години на државните универзитети се примале сѐ понеквалитетни лица. На некои приватни универзитети ситуацијата е уште полоша. На пример, на еден приватен универзитетот прием на нови лица се врши така што рефератот за избор не се објавува во универзитетски билтен. Како е, тогаш, можно да имаме квалитетно високо образование со неквалитетни професори?

Еден друг аргумент што може да биде показател на квалитетот во високото образование, е присутноста на професорите на меѓународен план, односно, видливоста на универзитетите. Присутноста на меѓународен план може да се види преку објавените трудови во квалитетни списанија, односно во списанија со фактор на влијание (импакт-фактор).
Ќе наведам број на објавени трудови во светски списанија за Македонија, Србија и за Словенија, земји со кои најчесто се споредуваме.

Во табелата 1 се дадени податоци за бројот на објавени трудови од областа на општествените науки, област што мене ми е блиска. Опфатени се квалитетни трудови објавени во периодот 2012 – 2016 (за 2017 година податоците не се уште обработени).
Бројот на објавените трудови од македонски автори не е во согласност со бројот на универзитетите, со бројот на професорите и со бројот на единиците на универзитетите во кои се изучуваат општествените науки.
Како што можеме да видиме од овој преглед, дури и Танзанија има повеќе објавени квалитетни трудови од Македонија.

Во Србија професорите објавиле приближно 7 пати, а во Словенија 10 пати повеќе трудови од колку професорите во Македонија. Ќе забележите дека ние не можеме да се споредуваме ни со една Танзанија. Македонија со 2 милиони жители има повеќе од 15 универзитети, од кои 8 државни. Дали на Македонија навистина ѝ се потребни 8 државни универзитети?

Дали државните универзитети ги исполнуваат условите за универзитет? Сакам да потсетам дека претходната влада мошне богато отвораше нови универзитети. Тие беа наменети за вработување кадри од една партија, кои не успеваа да се натпреваруваат со кадрите на некои државни универзитети (УКИМ), а требаше да им се обезбеди вработување. Финансирање на толкав број универзитети ја надминува финансиската можност на Македонија. Згора на тоа, се произведуваат кадри што не се потребни заради што многу лица не можат да најдат работа. Последица на тоа е што има сѐ помалку средства за високото образование, а критериумите за стекнување диплома и научни степени е сѐ понизок.

Еве уште еден аргумент зошто квалитетот во високото образование опаѓа. Барањето за објавување труд (или повеќе трудови) во списанија со фактор на влијание како услов за напредување, се изигрува. На пример, наместо да се наведе факторот на влијание на списанието според Веб оф сајанс, се наведуваат разни други податоци на пример Гугл сколар (Google Scholar) и други. За оваа појава имаше повеќе написи во електронските медиуми, но овие написи останаа без реакција од страна на деканите, проректорот за наука и ректорот, државниот просветен инспекторат. Чнот на верификација на изборот за редовен професор од страна на Сенатот на Универзитетот – кој требаше да биде строга верификација на компетентноста на професорот – всушност не внесе никаква измена во изборот на редовни професори. Според тоа, и овие иницијативи што требаше да го зголемат квалитетот во високото образование, не ја исполнија својата намена.

Конечно, да наведам уште еден аргумент, а тоа е положбата на Македонските универзитети (рангот) на светски план.
Неодамна Тајмс хајр едукејшн (Times Higher Education) го објави извештајот за рангирањето на светските универзитети за 2017 година. Според овој извештај, ниту еден македонски универзитет не се наоѓа во првите 1.000 универзитети.
Инаку, во меѓународните споредувања на земји по квалитетот на високото образование, Македонија е на 95-то место за 2016 год., за 2017 година податоците не се обработени. Податоците за положбата на македонските универзитети, во целина гледано, се дадени во табелата 2. Во тек е подготовка на новиот закон за високо образование. Сега е можноста да се внесат конкретни и јасни критериуми за избор на нов наставен кадар и за напредување на постојниот кадар. Само јасни и конкретни критериуми можат да го спречат произволното толкување на законот, а со тоа и неговото изигрување. Предложените критериуми за избор и напредување на наставниците во нацрт-законот за високото образование не се јасни и не внесуваат нов квалитет во изборот и напредувањето на наставниот кадар.

Моето мислење е дека покрај посочените критериуми, треба да се внесе еден нов критериум: доцент, вонреден и редовен професор може да биде лице што има најмалку еден труд објавен во списание со фактор на влијание од областа за која кандидатот се јавува, индексирано во Веб оф сајанс. Тоа значи дека редовен професор може да биде лице со еден труд објавен во последните 5 години, или три труда кумулативно. Ова би важело само за општествените науки (во природните науки тоа се почитува). Во земјите со кои се споредуваме, кандидатите треба да имаат мнозинство на такви трудови од сите објавени трудови. Според тоа, еден труд за 5 години, не е многу, но околу 80 проценти од универзитетските наставници во општествените науки, немаат објавено ниту еден таков труд. Затоа ми личи на перверзија кога се одбиваат кандидати за звањето асистент со објавени такви трудови (на Филозофски факултет такви рецензии поминувале едногласно), а се примаат лица без трудови.

Значи, еве докази дека квалитетот во високото образование континуирано се смалува: извесен број од новопримените лица на универзитетот не се квалитетни, се одбивани квалитетни, а се примани други кандидати, напредување на наставници се врши со лажни податоци, Законот за високо образование се изигрува; бројот на квалитетни трудови објавени во познати списанија не е во согласност со бројот на универзитетите во Македонија, а особено со бројот на програми за кои се дава магистратура или докторат од областа на општествените науки; рангот на Македонија на меѓународен план, како целина гледано, е на понижувачко ниво. Вкупна последица е што УКИМ неодамна беше симнат од списокот на Шангајската листа, а според најновиот извештај на Тајмс хајр едукејшн, Македонија нема универзитет во првите 1.000 универзитети. Повеќе пати декларираната желба, УКИМ да влезе во првите 500 универзитети во светот засега е тешко остварлива. Најмногу што можеме да очекуваме, е да се споредуваме со Нишкиот универзитет. Не можеме да се споредуваме ни со универзитетите во Танзанија. Ете затоа опаѓа квалитетот во високото образование. За посочените фактори може опширно да се зборува, може да се спомнат и други фактори, но тоа го надминува дозволениот простор.
М-р Јане Илиев