Сто години од завршувањето на Првата светска војна

Точно пред 100 години, САД и нејзините сојузници ја пропуштија тешко извојуваната шанса за спречување на следната светска војна. Пред некој ден се навршија точно 100 години од крајот на големата војна, војната што требаше да им стави крај на сите следни. Со оглед на онаа уште поголемата, која изби само две децении подоцна, овој епитет се претвори во ироничен симбол на една иронична трагедија. Но историјата не мораше да се случува според ваквото сценарио. Зборовите што францускиот генерал и врховен командант на сојузничките сили, Фердинанд Фош ги кажа: „Ова не е мир, туку примирје што ќе трае 20 години“, ја претскажаа изгубената можност за една сосема поинаква Европа.

Имено, генералот Фош сакаше да ги види сојузничките сили (Франција, Британија, Америка и Италија) како маршираат низ Германија и решително ја поразуваат на нејзин домашен терен – и тоа пред очите на нејзините граѓани. Од друга страна, политичарите, разбирливо нетрпеливи да се минимализира бројот на жртви и трошоци, решија да ја прифатат капитулацијата на Германија. И покрај тоа што во терминологијата на договорот беше кристално јасно дека Германија ја изгуби војната, најклучна работа беше што сојузничките политичари им дозволија на своите германски колеги достоинствено прифаќање на „примирје“ наместо „безусловна капитулација“, каква што Теодор Рузвелт бараше од Германија.

Како резултат на тоа, на Кајзер Вилхелм му беше дозволено да пребега во неутралната Холандија, избегнувајќи ја на тој начин командната одговорност за војната. Фактичкиот германски воен диктатор, генералот Ерих Лудендорф, се повлече од воената служба и стана цивил, за пет години подоцна да му се придружи на Адолф Хитлер во обидот за рушење на Вајмарската Република (неофицијален назив за германската држава од 1918 до 1933 година). Формалниот надреден старешина на Лудендорф, фелдмаршалот Паул фон Хинденбург, беше избран за претседател во 1925 година. Токму тој го назначи Адолф Хитлер за прв човек на Владата, а другото, како што велат, едноставно е историја.

По примирјето, на сите тројца водачи требаше да им се суди за воени злосторства, но бидејќи сојузничките сили не ја окупираа Германија по Првата светска војна, немаа начин како да ги принудат германските власти да ги испорачаат злосторниците во рацете на правдата. Наместо меѓународно судење на водачите на криминалната воена машинерија, германската влада направи обична претстава од судења на десетмина помлади офицери, од кои на крајот речиси сите беа ослободени. Двајца обични војници што имаа украдено храна од белгиски ресторан беа осудени на 5 години затвор, додека двајца команданти на воени подморници што напаѓаа и уништуваа болнички бродови се извлекоа и поминаа неказнето.

Па, така, вака предадената лекција од страна на „професорите“ (читај сојузниците), за учениците (читај силите на оската), што требаше да ја научат лекцијата гласеше: „Ако не успеете првиот пат, обидете се одново и одново“.
И не само за Германија. Јапонија научи дека успешна војна значи постојано освојување, додека неуспешната значи макар и најмал прекин во акциите. Германија и Јапонија тогаш научија дека воените злосторства остануваат неказнети. А воените злосторства од Првата светска војна, иако не со толку широк опсег како оние од Втората, сепак доведоа до еднакво трагични последици.

Во ремек-делото на класичната кинематографија, филмот „Казабланка“ (1942), францускиот полициски капетан Луј Рено тврди дека бил со Американците кога тие „ја оплескале“ работата во Берлин во 1918 година. Камо тој влез во Германија да беше вистина – историјата можеше да биде сосема поинаква. Потребни беа две победи над Германија за конечно да се совлада, но доволна ќе беше само една окупација за да ја претвори во либерална демократија каква што станува денес.

Јапонија беше трансформирана по окупацијата на сојузничките сили во 1945 година, кои целосно „ја превоспитаа“. Сето ова требаше да биде направено на крајот од Првата светска војна. Во тој случај, Втората веројатно немаше ни да се случи.
Оттаму, овој Ден на примирјето, од 1954 година познат и како Ден на ветераните, претставува вечен паметник за жртвите на сите војни, но исто така и за мирновременскиот период. Истовремено, тој нѐ потсетува и на трајниот мир што можеше да се случи, но за малку не успеа. Никој не сака војна, но ако веќе мора да учествувате во неа, завршете ја работата како што треба уште првиот пат. Во тоа се состои вистинската лекција од 1918 година, а нејзината применливост денес е исто толку голема колку што беше во минатото.

А за малите народи како македонскиот, кој имаше попусто жртви на обете страни и гинеше за друга кауза, нема ниту да се прочита во фуснота во испишаните истории на големите сили. Сто години можеби некој ќе слави јубилеј од завршувањето на Првата светска војна, но длабока е „славеничката дилема“ за оние народи што и по примирјето останаа под стегите на таканаречените победници!?

Какви се тие победници, а сега славеници, кои своите хегемонистички аспирации ги реализираат преку алибито дека се победници? Затоа во Република Македонија и Македонците немаат баш што да прославуваат на гореспоменатиот јубилеј. Но сигурно имаат за одбележување датум и нешто што се случило 26 години подоцна. На Илинден 1944 година! Н.М.