Премиерот Зоран Заев е добитник на годинашната меѓународна награда „Иса Бег Исаковиќ“, која ќе му биде врачена на традиционалната церемонија во Народниот театар Сараево на 27 ноември, со почеток во 20 часот.

– Зоран Заев не само што значително ги подобри односите во регионот на Западен Балкан, туку покажа силно политичко лидерство во контекст на порешително зближување со Европската Унија и НАТО. Комитетот не може да знае како ќе изгледа политичката биографија на Зоран Заев следната година. Ова не беше можно и во однос на претходните лауреати кои ги заклучија наградите тогаш кога им беа доделени, но напорите, иницијативите и резултатите на Заев во 2019 година несомнено ќе бидат забележани како позитивни и историски ценети – е ставот на Комитетот.

Меѓународната награда „Иса бег Исаковиќ“ е најзначајно независно граѓанско признание во БиХ, воспоставена во 2005 година со цел меѓународна промоција на Сараево и Босна и Херцеговина, нејзината култура и разновидна етнонационална структура.

Наградата го носи името на основачот на Сараево, Иса бег Исаковиќ, кој во 1462 година го втемелил градот на приципите на еднаквост, мултикултуралност и мултирелигиозност.

Добитници на оваа награда се турскиот претседател Реџет Таип Ердоган во 2012 година, австрискиот претседател Хајнц Фишер во 2013 година, словенечкиот претседател Борут Пахор во 2014 година и хрватскиот претседател Колинда Грабар Китаровиќ во 2015 година.

Добитник на оваа награда во 2016 година беше и поранешниот претседател Ѓорге Иванов, со освоени 15 гласови, во конкуренција на поранешниот турски премиер Ахмет Давутоглу и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.