Фото: Архива

Група новинари, помогнати од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска, на годишнината од т.н. крвав четврток, преку адвокатската канцеларија Медарски поднесоа тужби против државата, кои следат по претходен повик на ЗНМ со цел обезбедување на правна помош за новинарите и медиумските работници кои беа нападнати или им беше уништена опрема во Собранието.

Од здружението велат дека тужбите против државата, се поднесени за утврдување на повреда на правото на слобода на изразување и за надомест на нематеријална штета.

– Пред три години на 27 април поголема група поддржувачи на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ упадна во Собранието, при што беа нападнати новинари, сниматели и пратеници – потсетуваат од ЗНМ.

Од ЗНМ нагласуваат дека против дел од лицата кои нападнаа пролитичари се изречени затворски казни од страна на судот, но од друга страна се уште нема никаква правна постапка против сторителите каде што новинарите се оштетена страна.

– Затоа во услови кога има двојни стандарди за новинарите и кога државата не ги заштити нашите колеги истите се приморани преку приватни тужби да ја бараат правдата – објаснуваат од новинарското здружение.

ЗНМ ги охрабрува сите новинари да го кренат својот глас против нападите и притисоците на кои се или биле изложени и со тоа да пратат порака до јавноста и институциите дека тие повеќе нема да молчат.