Дел од лицата родени во Македонија пред прогласување на независноста во 1991 година се уште не го решиле проблемот со државјанскиот статус, а притоа континуирано живеат во земјава што претставува своевиден апсурд, констатира народниот правобранител Насер Зибери на денешната презентација на Годишниот извештај за 2020 година.

Тој смета дека е апсурд при еднакви услови и околности одредени членови на едно семејство да поседуваат државјанство, додека други со години не можат да го остварат ова право.

– Кон оваа категорија граѓани е направена неправда која треба да се надмине и реши со измена на Законот за државјанство, согласно стандардите и принципите на Европската конвенција за државјанство – истакна Зибери.

Народниот правобранител се осврна и на издавањето на изводи од матичната книга на родени по електронски пат, што, според него, воопшто не го олеснило пристапот на граѓаните до овој документ, туку напротив создало големи проблеми. Тој утврди дека не се почитува рокот за изготвување и издавање на изводи, па граѓаните чекаат за електронски изводи по неколку месеци.