Фото: Маја Јаневска-Илиева

Народниот правобранител укажува дека осовременувањето на основното образование и воведување на реформи во насока кон дигитализација на наставниот процес, мора да се заснива на добра проценка на реалните можности на самите основни училишта, нивните просторни, технички и технолошки капацитети и ресурси со кои во моментов располагаат, како и со проценка на компетенциите на наставниот кадар во однос на степенот на развиеност на нивните дигитални вештини.

Добрата проценка, според Народниот правобранител, ќе овозможи креирање на добро разработен план и стратегија за спроведување на дигитализацијата во наставата и примена на дигитални алатки и други иновативни методи од страна на наставниците, кои би биле соодветни на возраста, можностите и интересите на учениците. Притоа, за реализација на ваквата настава нужно е неопходно сите основни училишта да располагаат со соодветна инфраструктура и опрема (опременост со компјутери, паметни табли и други ИКТ средства, постојан и стабилен интернет достапен во секоја училница).

Во новата Концепција за образование е назначено дека употребата на дигиталните учебници ќе придонесе кон развој на информатички компетенции кај учениците и истовремено кон поттикнување на нивната креативност и автономија во учењето, а дека ќе бидат особено погодни за користење при учење од далечина.

Според Народниот правобранител за реализирање на оваа замисла најпрво е потребно да се евалуира дигиталната писменост (компетенциите) на самите деца, како и на нивните родители, за користење на технички уреди (дигитални учебници) и следствено да се преземат мерки за унапредување на овие вештини, како би можело родителите на учениците да бидат во можност да го следат, поттикнат и помогнат процесот на учење на сопствените деца. Реализирањето на обуки за унапредување на дигиталните вештини, според омбдусманот, како за учениците, така и за нивните родители ќе овозможи олеснето користење на дигиталните учебници во секојдневната настава.

Покрај ова, Народниот правобранител укажува и на забелешките од експертите дека со употребата на дигитални учебници може да се наруши здравствената состојба на учениците, со оглед дека долгорочното изложување пред екрани е штетно по општото здравје на децата.

– Во овој контекст, во последно време во стручната јавност, психотерапевтите се повеќе говорат за појавата на „екранизам“ – болест на модерното време која е предизвикана од предолгата изложеност на децата пред екраните (со прекумерно користење на техничките уреди) што може да предизвика пореметувања во социјалните и комуникативните вештини кај децата, како и неможност за долгорочно одржување на вниманието и концентрацијата – се наведува во соопштението.

Следствено, според Народниот правобранител, потребно е вклучување на стручни лица (лекари, психијатри, психолози) во проценката на користа во однос на штетата која може да ја предизвикаат дигиталните учебници.

Омбдусманот смета дека Министерството за образование и наука задолжително треба да го земе предвид стручното мислење во однос на тоа кои деца, на која возраст, колку часа во денот можат да бидат изложени на екрани, а при тоа да немаат негативни последици по здравјето и развојот.

Народниот правобранител изразува задоволство во однос на тоа дека за првпат во учебната 2021/2022 година сите учебници ќе бидат достапни во аудио формат и на Брајово писмо за потребите на учениците со оштетен вид, и ги поздравува заложбите на Министерството за образование и наука во оваа насока, но потенцира дека секое учеилиште треба да биде инфраструктурно прилагодено и опремено (со компјутери со тастаура со Брајово писмо, печатари со Брајово писмо, читачи за екрани и друга потребна технологија) за да може во училницата во која ќе бидат вклучени учениците со потполно оштетен вид, истите на еднаква основа со другите деца целосно да учествуваат во образовниот процес.